Проект од три милијарди евра: Путин ги отвори првите две нови линии од метрото во Москва
Москва го инаугурираше големиот проект вреден речиси три милијарди евра и ги пушти во користење првите две линии од метрото на новата меѓуградска мрежа.
Таа го поврзува предградието со центарот на градот, што би требало да ги намали големите сообраќајни метежи во руската престолнина.
Тие нови возови, споредени со париските РЕР или берлинските С-бан, ќе сообраќаат на веќе постоечките шини, но се многу поудобни и поевтини од сегашните возови.
Првите две линии го поврзуваат западното преградие на престолнината со градовите на север и југ во московскиот регион, преку неколку големи станици. Наскоро би требало да бидат пуштени во сообраќај уште три линии.
Рускиот претседател Владимир Путин ги отвори тие линии, упатувајќи се на пат со московскиот градоначалник Сергеј Собјанин.
Москва, која веќе има 17 метро линии за околу 12 милиони жители, последните години изведе повеќе скапи проекти за уредување под водство на Собјанин.
Цената на новата мрежа возови е проценета на 200 милијарди рублји (приближно 2,8 милијарди евра), а дневниот весник „Комерсант“ наведува дека тој проект чинел за третина повеќе.
Москва, која има годишен буџет од речиси 38 милијарди евра, се надева дека со новите возови за 10 до 20 проценти ќе го намали сообраќајот во престолнината и ќе го подобри пристапот до превоз за четири милиони лица.