Проекција на „Врба“ за новинари и прес за филмот во Рим

Луѓето се исти, без оглед каде и кога живеат. Она што нам ни беше важно е да проговориме за човечките дилеми, болки, разочарувања и радости. Од аспект на еден обичен човек, женски човек. Врба можеби не е моето омилено дрво – ако подобро размислам, повеќе ги сакам тополата, чемпресот, липата и медитеранскиот бор, ама врбата е поблиска како симбол со она што го кажува филмот. Жална врба – ова се три тажни приказни со среќен крај, изјави режисерот Милчо Манчевски на прес-конференција во Рим пред вечерашната светска премиера на неговиот шести игран филм „Врба“ на Римскиот филмски фестивал.

Таа следуваше по проекцијата на филмот наменета за новинарите што се акредитирани на фестивалот, во аудиториумот „Парко дела музика“ каде се одвива третиот фестивалски ден.

Продукцијата на филмот на Манчевски, „Банана-филм“, соопшти дека за време на новинарската проекција било преполно, а покрај новинари имало и студенти од Италија. На пресот присуствувале повеќе од 80 светски медиуми, меѓу кои и најрелеватните италијански медиуми.

На конференијата за печат покрај режисерот присуствуваа и три актерки од „Врба“ – Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски кои, како што наведува продукцијата, „блеснаа во полн сјај на средбата со новинарите, одговарајќи искрено и непосредно на прашања поврзани со нивните ликови од филмот“.

-Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз. И по завршувањето на проекцијата на „Врба“ се случи долга тишина, па аплауз, што е необично за прес-проекции, се посочува во соопштението.

Официјалната гала светска премиера на „Врба“ е зажана за вечер во 22.30 часот, а половина час претходно претставниците од екипата на нашиот филм ќе поминат на црвениот килим.

„Врба“ е во официјалната програма на фестивалот меѓу други 32 филма, од кои вкупно 24 се играни, останатите девет се документарни филмови.