Проекција на грчкиот филм „Божиќното танго“ во Кинотека
Амбасадата на Грција денеска во Скопје организира проекција на филмот „Божиќното танго“ во режија на Никос Кутелидакис.
„Божиќното танго“, како што посочуваат од Грчката амбасада, е дел од серијата филмски проекции насловена „Ајде да се запознаеме“ со цел да се прикажат современи грчки филмови кои се многу сакани од публиката во Грција, но и во странство.
Базиран на најпродаваниот роман на Јанис Ксантулис, „Божиќното танго“ е романтична драма која се одвива за време на подготовките за Божиќниот бал во еден грчки воен камп во 70-тите години. Поручникот Стефанос Караманидес е еден строг војник кој има само една желба – да ја покани на танц својата тајна љубов, Зои, сопругата на полковникот Манолис Лонгос. За остварување на таа цел, Стефанос Караманидес ќе побара помош од еден млад, срамежлив и чувствителен војник, од Лазарос, да му одржи часови по танго. Нивната кратка, но пресудна средба ќе биде поттик за низа настани кои ќе кулминираат со танго… Божиќното танго, еден ден кој ќе ги промени засекогаш животите на тројцата главни ликови. Филмот постигнал голем успех на кино благајните и добил три награди од Грчката филмска академија.
Проекцијата ќе се одржи во Кинотеката на Северна Македонија во 19:00 часот. По проекцијата, публиката ќе има можност да постави прашања и да добие одговори за филмот од продуцентот Јанис Ексиндарис.