Проекција на германскиот филм „Западен ветер“


Институтот Гете од Скопје во Кинотеката ќе го прикаже четвртиот од серијата германски филмови на тема „Солидарност“, со наслов „Западен ветер“ во режија на Роберт Талхајм.

Дејството на филмот почнува во летото 1988 во поранешна Источна Германија кога на близнаците Иза и Дорен како надежни млади спортисти им било дозволено да посетат камп за тренинг на езерото Балатон во Унгарија.

Таму тие ги запознаваат двете момчиња од Хамбург, Арне и Нико. Она што започнува како флерт на одмор за Дорин и Арне се развива во сериозна љубов, за што девојката од саксонската провинција ризикува сè, вклучувајќи и бегство на Запад.

Тинејџерска љубовна приказна, која и покрај политичката заднина се доживува како лесна и ведра, исценирана исто така и со знаењето од денешнината: една година подоцна паѓа и ѕидот, по што кривичното дело „бегство од републиката“ повеќе не постоеше.