Проекција на два документарни филма за животот и делото на Алојз Стибел


Словенечки центар – Скопје, по повод словенечкиот културен празник – Прешернов ден, во Кинотека на Северна Македонија ќе се одржи проекција на два документарни филма посветени на животот и делото на Алојз Стибел (1945 -2021).

– Документарниот филм „Ништо не è случајно!“, во продукција на Словенечки центар – Скопје и Алојз фонтани галерија Стибел, снимен 2022 година, сценарио: Анита Ивковиќ, режија Габриел Стибел и Јосип Стибел, превод Марија Стојковска и Сашо Стојковски и документарниот филм „Камен“, во продукција на Македонската радио телевизија – МРТ, снимен 2000 година, сценарио и реализација: Иван Ашиковским, информираат од Словенечки центар – Скопје.

Алојзиј (Алојз) Стибел, (9.11.1945 – 21.11.2021), роден е и до крајот на својот живот, живееше во Скопје.

Со иноваторство се занимава уште од раната младост. Во средина на 70-те години се обидува да направи технички пронајдоци кои ќе ја олеснат работата во тогашниот Југопетрол. Успева да изработи „Пиштол„ за полнење плин за кој добива првата награда на саемот Макинова, кој и денес се употребува во Македонија и Полска. На саемот Макинова ја добива првата награда за иноваторство за тогашно најусовршена форма на приближно перпетуум-мобиле. Еден е од основачите е на претпријатието Теас – Темко, каде што изработил иновативни антени кои биле од големо значење за воспоставување на радио комуникациите на ниво на цела тогашна Југославија.

Во 1991 год. ја формира првата специјализирана фирма за изработка на фонтани “Алојз Фонтани”. Изработуваше уникатно креирaни фонтани, во кои ја внесуваше дивата природа во урбаната средина. Од 1999 почнува да ги изработува минијатурните ентериерни фонтани кои исто така потсетуваат на огромни планински масиви со водопади.

Има добиено повеќе награди, a една од позначајните е наградата за најприроден производ на Саемот за куќа и куќни потреби во Минхен, Германија. Прво место и наградата Златен мост ја добива за најубаво уреден штанд на Саемот за Мебел во Скопје – за штандот на Југоекспорт. Прва награда за најубаво уреден штанд на Усје на Саемот за Градежништво. Прва награда на Саемот Инфоком за најубаво уреден штанд на Неоком, прва награда на Скопскиот саем за штандот на Микеи фортенд, лично врачена од претседателот на Македонија Киро Глигоров. Прва награда на саемот на ЗЕЛС за најубаво уреден штанд на Општина Ѓорче Петров, лично врачена од претседателот на Македонија Бранко Црвенковски. Прва награда за најубаво уреден штанд на Саемот за Автомобили за штандот на Тојота.

Во 2000 година Македонската телевизија во чест на Алојз Стибел го снима документарниот филм Камен, кој сателитски е емитуван ширум светот. Во 2006 година во Културно Информативниот Центар, е одржана првата изложба на Алојз Фонтани каде беа претставени повеќе минијатурни фонтани.