Проекција на дигитално реставрираната копија на „Фросина“ во Кинотека


Во летното кино на Кинотеката вечер ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првиот македонски игран филм „Фросина“ на режисерот Војислав Нановиќ, од 1952 година.

Проекцијата почнува во 20.00 часот, а ќе биде пренесувана и во живо („live streaming“) на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (www.kinoteka.mk).

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија, како и за самиот процес на дигитална реставрација.

„Фросина“ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Вечерашната проекција е бесплатна, но билетите треба претходно да се резервираат. Од Кинотека напоменуваат дека протоколите за заштита од „КОВИД-19“ остануваат во сила.

„Фросина“ е прва целовечерна играна продукција целосно на македонски јазик, со македонска актерска  и филмска екипа, со исклучот на режисерот Нановиќ, и прв игран филм снимен во продукција на „Вардар филм – Скопје“, продуцентска куќа основана во 1947 година.

Минатиот петок Кинотеката ја претстави и дигитално реставрираната копија на првата македонски комедија – играниот „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1961 година.

Во мај 1989 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Фросина – првиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, заедно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика ФРОСИНА и МИРНО ЛЕТО. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

-Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки) и поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија, е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“, велат од Кинотека.

Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа – од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Белград, Загреб, Атина, Тирана, Софија.