Проекции на „Сестри“ на Дума во Скопје, Св.Николе и Охрид
Македонскиот игран филм „Сeстри” во режија на Дина Дума во текот на февруари ќе биде прикажан во неколку градови низ земјава и тоа: Скопје – Кинотеката на Северна Македонија, Св. Николе – Киноверзум и Охрид – НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
Светската премиера на „Сeстри” беше минатата година во август на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, додека македонската премиера се случи на 42 ИФФК „Браќа Манаки“ каде филмот на Дума го отвори фестивалот. Филмот беше и национален претставник за најдобар странски филм.
Досега „Сестри” е прикажан на 20 интернационални фестивали, а ја освои и награда за најдобар игран филм од младинското жири на фестивалот Ексграунд во Висбаден Германија.
„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.
„Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.