Проекции на филмови за Њу Ордер и Леонард Коен во Кинотека


В петок во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани два музички документарни филмови „Њу Ордер – Декади“ и „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ во рамките на настанот „Скопје Синема Сити Загревање“. Загревање е полугодишен настан каде се прикажува избор на филммови од претходното издание на фестивалот „Скопје Синема Сити“.

– Минатата година бенд во фокус беа манчестерскиот бенд Њу Ордер на кои фестивалот им врачи награда за достигнувања во музиката и филмот и фестивалот го отвори настанот со филмот на Мајк Кристи „Њу Ордер: Декади.“ Филмот е приказ на нивниот проект во соработка со Манчестерскиот Интернационален Фестивал каде се случуваат невообичаени уметнички инсталации и проекти. Тој е истовремено и полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови, информираат од Кинотеката на Македонија.

 

Истата вечер ќе биде прикажан и филмот „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра па се до нивниот крај.