Продолжуваат разговорите со Бугарија за деблокада на евроинтеграциите, Софија бара гаранции за Договорот за добрососедство


Разговорите со Бугарија за деблокада на нашите евроинтеграции продолжуваат и покрај тоа што се уште нема политичка Влада во Софија. Предлогот на претседателството на ЕУ е основа за надминување на разликите, и покрај билатералните разговори што ги водат двете страни на министерско ниво, изјави вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Во меѓувреме еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји беше во посета на Софија, каде што разговараше со бугарскиот државен врв, а тема на разговорите беше и евроинтеграцијата на Северна Македонија. Бугарскиот државен врв ја повторил позицијата на Бугарија во однос на прашањето кон Северна Македонија, барајќи од Скопје да покаже конкретни чекори и гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство.

Кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан беше главна тема вчера и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ. 

Министерот Османи вчера посочи дека комуникацијата продолжува помеѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија и во овој период се разговара.

– Моја и наша одлука како Влада е дека заради тоа што нема влада во Бугарија не смее да има прекин на разговорите, бидејќи многу потешко ќе се надоврземе на тоа што е разговарано доколку оставиме поголем јаз на некомуникација. И затоа таа комуникација продолжува конктинуирано. Се разбира дека продолжуваат и напорите на ЕУ, па и на комесарот Вархеји, но и на земјите членки, пред се, на словенечкото претседателство кое има на некој начин и обврска да биде посредник во надминување на ова прашање. Така што ќе има такви средби во наредниот период, ќе има со нас, ќе има и со Бугарија. Ние ќе прдолжиме да работиме за изнаоѓање на решение. Сметаме дека е важно што побрзо да се затвори прашањето, рече Османи.

Тој додаде дека како основа на разговорите останува предлогот даден за време на германското претседателство, кој е сличен со тој на португалското, а што сега го презеде Словенија како актуелен претседавач со Унијата. – Јас кажав во неколку наврати дека португалскиот предлог е сличен на претходниот германски предлог, сличен го презема словенечкото претседателство, така да, за не се создаде конфузија чиј е предлогот кажуваме дека е предлогот на претседателството и сеуште предлогот на претседателството е основа за надминување на разликите покрај билатералните разговори што ги водиме двете страни по однос на надминување на разликите, вели Османи.

Тој посочи дека засега нема нов момент од тоа што го имаше во текот на португалското претседателство. Од најавената посета на претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен на 28 септември на земјава, посочи таа е во рамки на нејзината балканска турнеја, и нема да се однесува конкретно на спорот со Бугарија, но очекува охрабрување по однос на перспективата на регионот за членство во ЕУ.

Државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпар Довжан, кој вчера претседаваше со Советот за општи работи на ЕУ, рече дека на состанокот на министрите на ЕУ се разговарало за кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Запрашан од МИА како ЕУ планира да го зајакне својот кредибилитет во регионот со оглед на билатералната блокада наметната од страна на Бугарија за почеток на преговори со Северна Македонија, Довжан рече дека вчера министрите не разговарале детаљно за ова прашање но изрази надеж дека спорот ќе се реши за да може да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија.

Бугарија ја блокира преговарачката рамка за земјата поради инсистирање да се вметне референца за „погрешно толкување на историјата“, на што се противат неколку земји и членки и Северна Македонија.

– Не можеме на состанок како овој да решаваме билатерални прашања што го кочат проширувањето, рече Довжан за денешниот министерски состанок, но истакна дека земјите членки размениле мислења на темата како и за проширувањето генерално.

Словенечкиот државен секретар смета дека во најголем дел прашањата ќе се отворат на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан на шести октомври. – Многу работи ќе се дискутираат таму, но ова не е самит за проширување, предупреди државниот секретар и додаде дека на самитот ќе се разговара како ЕУ му помага и соработува со регионот и како понатаму да продолжи да го прави тоа на успешен начин во областа на зелената транзиција, дигитализацијата, поврзаноста, младите.

Довжан рече дека сите во ЕУ се надеваат дека дијалогот Софија Скопје ќе даде резултати. – Сите се надеваме дека дијалогот Софија Скопје ќе нѐ доведе до решение кое ќе и овозможи на Северна Македонија да оди напред и да се усвои преговарачката рамка, рече Гашпар Довжан. 

Во исто време, на средбите во Софија со еврокомесарот за проширување Вархеји, бугарскиот државен врв ја повторил позицијата на Бугарија во однос на прашањето кон Северна Македонија, барајќи од Скопје да покаже конкретни чекори и гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство.

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев на средбата со Вархеји ја потврдил принципиелната позиција на Бугарија за поддршка на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Република Северна Македонија, соопшти прес-центарот на бугарското МНР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев истакнал дека Бугарија, за да го поддржи почетокот на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ,  има потреба од конкретни дејствија и гаранции за трајното и неповратно исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

– Очекуваме од Република Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите. Бугарија од своја страна останува активно ангажирана во изнаоѓањето можности за решавање на отворените прашања, рече Стоев.

Стоев го истакнал континуитетот на политиката на техничката влада во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија, што произлегува од Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 и Рамковната позиција, усвоена од Министерскиот совет на 9 октомври 2019 година.

Шефот на бугарската дипломатија го запознал еврокомесарот Вархеји со актуелните процеси во билатералниот дијалог со Северна Македонија, истакнувајќи ги, како што посочил, напорите што Софија ги вложува за обновување на довербата на сите нивоа, како и со експертските консултации меѓу двете министерства за надворешни работи, спроведени, како што посочил Стоев, на иницијатива на Бугарија.

– Бугарија останува доследна во поддршката на европскиот пат на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Репубика Севррна Македонија. Водени од таа позиција, инвестиравме сериозни напори за одржување отворен дијалог со нашите соседи за враќање на довербата во односите, рече Стоев.

Бугарскиот претседател Румен Радев, на средбата со еврокомесарот Вархеји, рекол дека Бугарија очекува ефективни дејствија од институциите на Европската Унија за валоризирање на вредностите на демократијата и почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија.

Радев на средбата со Вархеји истакнал дека декларациите и ветувањата во дијалогот со Република Северна Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Радев, ова ќе го забрза процесот на европска интеграција за Република Северна Македонија. Бугарскиот претседател го потсетил Вархеји дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува и Скопје, според Радев, сè уште не го решил проблемот со говорот на омраза и всадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест.

Напредокот во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан исто така беше во фокусот на разговорот меѓу Румен Радев и Оливер Вархеји. – Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската Унија, но за тоа е потребно целосно исполнување на Копенхашките критериуми за членство на Република Северна Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се основа на европската соработка, нагласил бугарскиот претседател.

Вкупно 30 милиони евра од Европската унија ќе бидат инвестирани во развојот на пограничните региони на Бугарија и Северна Македонија во следните седум години. Средствата се во рамките на Програмата за прекугранична соработка, со која управува бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи.

Бугарскиот заменик-регионален министер Захари Христов, објавија бугарски медиуми, појасни дека инвестициите ќе бидат насочени кон развој на чиста и зелена средина, одржлив туризам и поддршка на конкурентноста во прекуграничниот регион. Меѓу приоритетните проекти е изградбата на новиот граничен пункт „Клепало“ помеѓу општините Струмјани и Берово.

Христов рече дека благодарение на програмите Интеррег, во последните 20 години е обновен изгледот на пограничните населени места на двете земји. Обезбеден е соодветен пристап до природните знаменитости, обновени се античките тврдини и цркви, а помогнати се и локалните културни, образовни и спортски центри да бидат активни. Според него, досега направеното придонело за позитивна промена во односите меѓу двата народа.