Продолжуваат подготовките за пописот, власта ја повикува опозицијата на обединување


Патриотска партија која се залага за македонштината го повикува својот народ  да се попише за да бидат бројките толку колку што се во реалноста. Пописот ниту ќе даде плус право, ниту ќе одземе некому право. Само ќе ги констатира состојбите во државата, порача вчера премиерот Зоран Заев, повикувајќи ја повторно опозициската ВМРО-ДПМНЕ да учествува во оваа статистичка операција, која, како што рече, е премногу важна и од која ќе произлезат информации неопходни за развојот на државата.

-Вистински патриотски партии коишто се грижат за својата земја не го бојкотираат пописот, не изнаоѓаат начини за собирање потписи кога можат само со еден пратеник овде да го оспорат законот. Вистински партии во земји во кои 20 години нема попис, ете од кои било причини 20 години сме останале без попис, се вклучуваат внатре и учествуваат комплетно заради тоа што насушно и треба на државата за секој нејзин иден план оваа статистичка операција која ја вршат сите земји во светот, така и нашата, рече Заев на собраниската седница за пратенички прашања

Нагласи дека СДСМ нема никаква намера да се инволвира во пописот од партиско-политички аспект и нема никакви амбиции да мести попишувачи. Ги повика членовите на СДСМ да се јават во  пописните комисии и рече дека очекува да се јават и од ВМРО-ДПМНЕ, како и сите граѓани, пред се, стручни лица.

Министерот за правда Бојан Маричиќ исто така одговарајќи на пратеничко прашања истакна дека подготовките за спроведување на пописот се одвиваат одлично и следната недела, од понеделник, ќе почне попишувањето на одредени категории како припадници на АРМ, лица во воспитно – поправните домови, нашите дипломати, нивните семејства во странство и бездомните лица. Донесен е и здравствениот протокол за изведување на пописот и со тоа и здравствените предуслови и заштитни мерки се подготвени.

Маричиќ посочи дека во услови кога опозицијата собира потписи за да го оспори Законот за попис, од Евростат е добиена официјална потврда дека методологијата и Законот и начинот на кој се планира и ќе се спроведе пописот се во согласност со сите стандарди што се практикуваат во современиот свет.. Ова, додаде министерот за правда, ги руши сите критики на опозицијата за наводно лош и неевропски закон, дилеми дали имало или немало потреба да се стави европско знаменце на законот, за методологијата и за се друго.

-Затоа испраќаме порака ајде да се обединиме да ја оставиме дневната политика настрана и заедно да го направиме пописот. По ваквиот став на Евростат се исполнети сите предуслови и ВМРО-ДПМНЕ и сите партии да го поддржат пописот наместо да ја опструираат оваа статистичка операција која е од клучно значење за државата и за граѓаните. Лично мислам дека тоа треба да го направат сите политички партии. Ги повикувам да се охрабрат и да го направат тоа, рече министерот за правда додавајќи дека целото општество треба да се мобилизира за успешно спроведување на оваа операција.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак опстојува на  становиштето дека пописот нема да биде статистичка туку политичка операција и дека власта сака да спроведе фингиран попис. Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Гордана Силјановска Давкова потенцираше дека партијата има полн легитимитет да собира потписи против законот за попис. Тоа е, смета таа, лош закон, донесен без консензус и без слух на власта за амандманите на опозицијата, како што е набавката на апарати за фингер принт, а кои што, додава таа, ќе придонесеа за многу подобар закон за попис.

-Кога парламентарците не сакаат да послушаат други колеги парламентарци, тогаш ќе мора да го послушаат народот. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ отпочна со собирање потписи, кои засега се навистина во импозантен број, рече Силјановска Давкова во телевизско гостување.

Државниот завод за статистика вчера соопшти дека пријавувањето на јавниот Конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори за претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите до овој момент се одвива добро и веќе се пријавени околу 4.000 кандидати заинтересирани за попишувачи и реонски инструктори.

На конкурсот што е објавен на 23 февруари и е отворен до 28 февруари можат да се пријават сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се невработени со завршено најмалку средно образование и имаат основни компјутерски вештини. Пријавувањето, се врши преку електронската апликација поставена на веб страницата на ДЗС.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава ќе се спроведе од 1-ви до 21-ви април, годинава.