Продолжуваат масовните апсења во Белорусија

Демонстрантка со историското бело-црвено знаме на Белорусија пред специјалните единици (Фото: Ројтерс)

Повеќе од 360 лица беа уапсени во Белорусија за време на протестите поради инаугурацијата на претседателот Александар Лукашенко, што се одржа без претходно известување.

Илјадници Белоруси излегоа на улиците на главниот град Минск и другите градови низ целата земја синоќа, кои полицијата ги растера со помош на палки и водени топови, а во кои десетици граѓани беа повредени.

Белоруското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека се приведени 364 лица, од кои 252 во главниот град. Повеќето се во притвор во очекување на судење.

Антивладините собири продолжија утрово и покрај акциите на полицијата претходната вечер. Стотици луѓе во Минск формираа синџири на солидарност во различни делови на градот и го нарушија сообраќајот возејќи полека или застанувајќи и трубејќи во знак на протест.