Продолжува трендот на намалување на бројот на новодијагностицирани и починати и процентот на позитивни од тестирани


Фото: Б. Грданоски

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 21 до 27 месецов тестирани се вкупно 13.123 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,9 посто во однос на минатата недела.

Како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани сe 3.372 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 26,5 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.429; 42,4%), со неделна инциденца – 231,4/100.000.

Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 25,7 проценти, намалување од 3,6 отсто во однос на минатата недела.

– Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=910, 27,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=665; 19,7%), 40-49 (n=589; 17,5%), 50-59 (n=587; 17,7%) и 20-29 (n=414; 12,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=52; 1,5%) и 10-19 години (n=145; 4,3%), посочуваат од Министерството.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.500 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, незачително помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 129 смртни случаи од 23 града, 30 помалку или 18,9 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и четири смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 21 до 27 декември годинава, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.