Продолжува судењето за „Маџар Телеком”


Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето против поранешните генерален и финансиски директори на Македонски Телеком Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, познат како „Маџар Телеком”.

Случајот го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска од СЈО.

На денешното рочиште, како што е најавено, обвинителката Стефановска треба да се произнесе по барањето на одбраната како сведок да биде сослушан и поранешниот премиер Владо Бучковски во чие време е потпишан Протоколот меѓу Владата и Македонски телеком.

Поради работни обврски, на минатото рочиште не сведочеше ексразузнавачот Слободан Богоевски. Неговото сведочење треба да биде дополнително закажано.

Судењето за „Маџар телеком“ почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

За злоупотреба на службената положба се обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Тие се осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ и Буџетот на Македонија.