Продолжува штрајкот во основните и во средните училишта, а во градинките се става во мирување
Штрајкот во основните и во средните училишта продолжува, додека во градинките е ставен во мирување, информираше попладнево претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков. Со оваа одлука практично падна во вода договорот постигнат вчера меѓу СОНК и Владата платите во образованието да се зголемат за 12 отсто од јулската плата и откако ќе помине ребалансот на буџетот.
„Советот на СОНК расправаше по однос на резултатите од вчерашните преговори со претставниците на Владата и со премиерот Ковачевски. Нашето членство во текот на денот се изјаснуваше во однос на предлозите и вечерва ги сумиравме одговорите дали се прифаќат или не“, рече Неделков.
Тој информираше дека од вкупно 480 синдикални организации, 388 биле за продолжување на штрајкот, а само 83 за прекинување на штрајкот.
„Најголемиот дел од оние кои што се изјаснија за прекинување на штрајкот се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок огромниот број за продолжување на штрајкот се вработените во основното и средното образование“, рече Неделков.
Тој додаде дека Советотт на СОНК со оглед на сондираните резултати донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден се до наоѓање заедничко прифатливо решение меѓу Синдикатот и ресорното министерство, односно Владата.
„Советот на СОНК врз основа на изјаснувањето на синдикалните организации од детските градинки донесе одлука во градинките штрајкот да се стави во мирување“, рече Неделков.
Тоа значи дека од утре градинките ќе почнат редовно да работат, посочи Неделков, додавајќи дека тоа е во интерес и на родителите, и на децата и на стопанството.
„Советот на СОНК во знак на незадволство од резултатите на преговорите одлучи да организара голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај 2022 година“, истакна Неделков.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите со минималната плата.