Продолжува штрајкот на ДИЦ, Министерството за финансии жали за нивните мали плати


Вработените во Државниот испитен центар одлучија да го продолжат штрајкот и му оставаат на Министерството за финансии рок до петок позитивно да одговори на нивните барања за зголемување на платите за да може да се одвиваат сите процеси кои зависат од нив, вклучително и задолжителната матура.

„После петок, со било какви преговори ќе треба да се направи промена на календарот и измена на термините за матура. Не би сакале да дојде до тоа, но и тоа е опција да се одржи матурата. Матура ќе има. Не сакаме да оштетиме никого. И сите процеси сакаме да ги реализираме. Ќе треба да се смени календарот, а тоа е нешто што го донесува министерот за образование и не е никаков проблем“, вели Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ.

Понудено им е платите да се усогласат според законот, што би значело дека платата би се зголемила за 1.000 денари. За нив ова е неприфатливо, па бараат платите да им се усогласат според Колективниот договор.

Вработените во Државниот испитен центар се во штрајк од минатиот вторник. 

Дваесет и деветте вработени бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Речиси половина од нив, 11, примаат околу 20.100 денари, а советниците кои, како што велат, се стожерот на ДИЦ, добиваат плата од 26 илјади денари. Измените на колективниот договор со кои би добиле линеарно покачување ги доставија минатата недела до Министерството за финансии од кое бараат согласност.