Продолжува серијата банкроти во Германија: Пропадна уште една компанија


 

Компанијата за недвижности „Проект“ со седиште во Нирнберг поднесе барање за стечај. Досега три од четирите компании од оваа проектна групација поднеле стечај, соопшти адвокатската канцеларија „Шулц и Браун“, пишува ДПА.

Наскоро ќе следи холдинг компанијата Project Real Estate AG, велат оттаму.
Адвокатите сакаат да продолжат да работат на потенцијално реструктуирање на фирмата и продолжување на планираните проекти.

Според веб-страницата на компанијата, на крајот на јуни ширум Германија биле во тек или планирани 120 проекти со инвестициска вредност од 3,2 милијарди евра (3,5 милијарди долари).

Според стечајните управници, оваа групацаија управува со околу 60 проекти низ Германија.

– Главната причина за банкротот е енормното зголемување на трошоците за изградба како резултат на војната во Украина. Не беше можно тие зголемувања на трошоците да се пренесат на клиентите, се вели во соопштението.

Проектната група главно работи во Берлин, Минхен, Хамбург, Рајна и Нирнберг.

Градежната компанија не е единствената која се бори во Германија. Брзиот пораст на каматните стапки на недвижностите заедно со повисоките трошоци за изградба доведоа до серија несолвентности во индустријата во последните месеци, што подоцна доведе до банкрот на компаниите.

Низ Германија има се повеќе информации дека инвеститорите не можат да продаваат готови станови и куќи или можат да го сторат тоа само по неколку месеци, бидејќи купувачите не сакаат или не можат да платат.