Продолжува реконструкцијата на граничните премини за подобра функционалност и поголем проток


Тековните активности за градежните проекти на Царинската управа за изградба или реконструкција на граничните премини и градежните интервенции, беа тема на денешната средба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Царината Горан Сугарески.

-Реализацијата на предвидените активности за осовременување на граничните премини ќе придонесат кон поголема функционалност, забрзан проток на сообраќајот и зголемен квалитет на услугите за вработените и патниците, како корисници на граничните премини, истакна Сугарески, соопшти Царинската управа.

Се разговарало и за реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир” и набавка на нов Национален едношалтерски систем – NSW“ кои се дел од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот за Западен Балкан, финансиран со заем од Светска Банка, а се реализира преку Проектната единица во рамките на Министерството за транспорт и врски.

-Oтпочнато e активно да се работи на реализација на проектите, a динамиката при изведување е задржана согласно предвидувањата, информираат од  Царинската управа.

Потенцираат дека се во постојана соработка и координација со Министерството за транспорт и врски, особено за реализација на сите градежни работи (градба, реконструкција) кои се изведуваат на граничните премини – за кои ЦУ има законски ингеренции. Од особена важност при унапредувањето на граничните премини се пристапните патишта кои се услов за непречен проток на стока и патници, а се во надлежност на Министерство за транспорт и врски.