Продолжува процесот на опремување на полицијата, досега реновирани 69 објекти, се работи на уште осум


Во рамки на стратешките активности за континуирано материјално-техничко подобрување и инвестиции во инфраструктурните капацитети на македонската полиција, кои ги зацрта актуелното раководство на МВР на чело со министерот Оливер Спасовски, во моментот забрзано се работи на осум полициски објекти, 69 се досега целосно реконструирани, а планот е овој тренд забрзано да продолжи и во следната година.

Во моментот се работи на осум објекти на полицијата кои треба наскоро да бидат готови, и тоа: ОВР Прилеп, ОВР Радовиш, ОВР Делчево, ОВР Берово, ЕВР Карпош, Одделот за заштита на личности и објекти во Скопје, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе.

Во сите реконструирани објекти од 2017 до денес, соопштија од МВР, имплементирани се и мерки за енергетска ефикасност, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови фасади, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија, поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови и заштита на животната средина.

– Подобрувањето на условите за работа на полициските службеници ќе остане да биде приоритет на ова раководство на МВР и во следниот период, бидејќи инвестирање во подобри услови за работа значи задоволна полиција што на крај резултира со подобрување на квалитетот на нејзината работа и унапредување на севкупната безбедност на сите граѓани, што претставува примарна задача на полицијата. Мотото „Задоволна и опремена полиција – задоволни граѓани“ е реалниот повик за унапредување на условите за работа на полицијата, се наведува во соопштението од МВР.

Освен интензивното реконструирање на полициските објекти во изминатите години, раководството на МВР било посветено и на целосно обновување на униформите и материјално-техничките средства.

– Сите оддели на полицијата веќе добија нови униформи, некои и повеќе пати, се модернизира возниот парк, исплатени беа три бонус плати за прекувремени работни часови, а планирано е зголемувања на платата за 5 проценти на сите вработени во МВР во 2022 година, стои во соопштението.