Продолжува обновата на ООУ „Димитар Миладинов“


Во тек е замена на фасадната столарија на основното ООУ „Димитар Миладинов“ во Општина Центар. Освен вратите и прозорците во училиштето, целосно се менува поткровната конструкција и електричната инсталација, а дополнително се поставува и ново осветлување.

Овие активности следат по замената на постоечката фасада на училиштето со комплетно нова и енергетски ефикасна во февруари годинава.

Замената на фасадната столарија дополнително ќе придонесе кон подобра топлотна изолација, заштеда на електричната енергија, намалување на сметките за струја до 30% во зимските месеци, како и поголема енергетската ефикасност за повеќе од 18%, што претставува и начин за справување со загадувањето во Скопје. Освен фунционалниот аспект, новата фасада на училиштето е збогатена со колоритни графити и мурали кои ги изработија реномираните стрит-арт уметници, Миро Грчев и Младен Трендевски, соопшти Општина Центар.

Обновата на фасадата и фасадната столарија на ОУ „Димитар Миладинов“ се прави по повеќе од 65 години, прв пат од неговата изградба во 1954 година. Проектот е финансирана со средства од грантот кој Општина Центар го доби од Амбасадата на Република Бугарија во износ од 130.000 евра, и исто толку средства издвои и општината.

Целосната реконструкција на едно од основните училишта со најдолга традиција на територијата на Општина Центар е предвидено да заврши до крајот на летниот распуст, а новата учебна година учениците ќе ја започнат во комплетно обновеното училиште.