Продолжува маката со учебниците пред почетокот на учебната година
Во тек е постапка за избор на економски оператор за печатење и дистрибуција на учебниците по предметите во основно образование за кои Бирото за развој на образованието подготви нови наставни програми.
Согласно Концепцијата која МОН ја усвои минатата година, тие се воведуваат етапно – лани за прво и четврто одделение, а во учебната 2022/2023 по нови наставни програми ќе учат учениците од второ и петто одделение.
Од МОН за МИА велат дека во различна завршна фаза се постапките за одобрување на учебниците за кои се изготвени нови наставни програми, така што, доколку постапките се пролонгираат и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето од подготвени соодветни материјали додека ги добијат новите учебници.
– На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комисии и тие треба да претрпат одредени измени/дополнувања. Откако авторот/авторите ќе ги имплементираат, ракописот со измените повторно се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената, информираат од МОН.
Согласно Концепцијата за основно образование, освен во печатен, учебниците од четврто и погорните одделенија ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.

Но, кога ќе се појде на оваа страница, и се одбре основно образование, четврто одделение, сите учебници се наведени, но на располагање нема податок. односно, поставени се само три учебници за чатврто одделение и тоа изборните предмети: Јазик и култура на Бошњаците, Јазик и култура на Власите и Јазик и култура на Ромите.
Поточно, за прво и второ одделение нема ни еден учебник, за трето, четврто и петто достапни се по три учебници, за шесто ги има 35, седмо – 16, осмо – 25 и за деветто одделние на располагање се 20 учебници.