Продолжува дипломатската офанзива за уставни измени, во Скопје министри за Европа на Германија, Франција и Полска


По тројката шефови на дипломатии на Австрија, Чешка и Словачка, кои минатата недела беа во Скопје, за да лобираат за уставни измени, денеска во земјава се министрите за Европа на Германија, Франција и Полска.

Министерката за Европа на Сојузна Република Германија Ана Лирман, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција Лоренс Бон и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Република Полска, познати како „Вајмарска тројка“, денеска се во посета на Скопје, чиј домаќин ќе биде вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Како што информира СЕП, денеска Маричиќ ќе одржи работен состанок со „Вајмарската тројка“, а тема на разговор ќе бидат преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, по што ќе имаат заедничка прес-конференција.

Во рамки на посетата „Вајмарската тројка“ ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи.

Како што е најавено, утре министерка за Европа и за клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман ќе учествува на настанот на тема: „Подготовка за проширување на ЕУ“, што го организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ).

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, од Скопје минатата недела порачаа дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус и дека колку побрзо се донесат уставните измени толку побрзо земјата ќе стигне до ЕУ, додека предвремени избори би биле контрапродуктивни.

Посетата, нагласија, била информативна и во име на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а состаноците со целиот политички спектар во земјава ги оценија како успешни. Со сите со кои се сретнале, како што рекоа, покажале дека се проевропски и свесни за одговорноста дека ова е посебен момент во развојот на патот кон ЕУ.

Шефот на австриската дипломатија Шаленберг рече дека решението нема да дојде од Брисел, Виена, Прага или Братислава, туку може да дојде само од Северна Македонија.

-Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат предвид националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата. Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии, рече Шаленберг.

Според него, сега е време кога треба стратешки да се размислува.
– Ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки, порача австрискиот министер за надворешни работи.

Неговиот чешки колега Липавски, посочи дека руската агресија врз Украина ја промени динамиката на процесот на проширување на ЕУ и земјава има голема можност да ја искористи оваа зголемена динамика, дури и оваа година под услов да ги усвои дополнувањата на уставот во однос на бугарското малцинство.

Шефот на словачката дипломатија Влаховски, посочи дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус. – Северна Македонија има единствена можност, ова да го покаже сега и треба да го искористи овој момент. Дефинитивно не треба да се пропушти, особено бидејќи нема друга алтернатива за да се напредува понатаму во однос на интеграцијата на ЕУ, истакна Влаховски.