Продолжува дебатата за филхармоничарите и џезерите


Фото: Б Грданоски

Во дебатата дали дали националниот џез-оркестар да биде под покривот на Филхармонијата се вклучуваат сѐ повеќе истакнати личности од музиката. Познатиот пијанист Дино Имери вели дека не е добро што одлуката за сместувањето на џезерите била донесена без дијалог со Филхармонијата и дека таа донесла многу штета, особено во меѓучовечките односи на музичарите. И дека таква одлука треба да се спроведе според професионалните мерила. Тој бара да се повлече таа одлука.

Поранешната директорка на Филхармонијата, Кармен Костова, прашува зошто не се направи проект да заживеат некои од студијата во МРТВ, кои се специјално направени за Биг бенд оркестар, бидејќи и акустички одговараат за таква дејност. Таа ја поставува дилемата што виси во воздух а малкумина ја споемнуваат во оваа дебата: „Доколку се случи невиден преседан, се плашам дека Филхармонија ќе биде институција во која во иднина привремено ќе се сместуваат уште многу новосоздадени ансамбли, што не е добро и продуктивно. Треба да се слушнат и музичарите од Филхармонија. Со меѓусебно осудување не можеме ништо да добиеме, само полека ќе си ги поткопуваме темелите кои сме ги создале“, вели Костова.

Поддршка за ставовите на Филхармонија, иако не експлицитна, стигна и од израелскиот диригент, Јерухам Шаровски, кој настапува со македонските филхармоничари веќе 20 години.