Продолжува дебатата за етничката припадност во личните карти, ЕУ препорачува усогласување со европското законодавство


За земја кандидат за членство во ЕУ, како Северна Македонија, императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, кога станува збор и за личните карти. Власта најавува следење на сите европски одлуки и регулативи во врска со личните карти, опозицијата останува на ставот граѓаните да можат да се изјаснат доколку сакаат во личната карта да стои и нивната етничка припадност, а за Хелсиншкиот комитет внесувањето графа за етничка припадност во документот за идентификација го поткопува граѓанскиот идентитет.

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека во моментот во ЕУ прашањето за личните карти е регулирано на ниво на националните законодавства на земјите членки, но во август 2021 година во Унијата ќе стапи во сила Општата регулатива за заштита на податоците, согласно која се забранува процесирање на информации како што се етничка и религиозна припадност.

Гир вчера по отворањето на Европската куќа во Струмица посочи дека Република Северна Македонија е во процес на усогласување на нејзината легислатива со стандардите на ЕУ, а откако ќе почнат преговорите за членство фокусот ќе биде на сите детали во усогласувањето на националното законодавство со правилата и стандардните на ЕУ и ќе биде особено важно тие да бидат хармонизирани.

Премиерот Зоран Заев, на истиот настан, нагласи дека апсолутно е дадено правото на национално ниво како ќе се регулира прашањето за личните карти.

– Мене ми е драго што и најголемата опозициска партија и другите политички партии се на линија на правото на определба, граѓаните да се изјаснат доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност. Но, како земја кандидат за членство во ЕУ, императив секогаш е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, изјави Заев.

Според Заев, бидејќи земјава сака да биде членка на ЕУ на крајот ќе ги следи сите европски одлуки и регулативи.

– Дебатата ќе биде отворена, секако во консултации и координации со европската делегација во Скопје и со Европската комисија во Брисел ќе ги носиме ваквите одлуки во зависност од тоа во кој правец ќе бидат донесени одлуките на ниво на ЕУ, додаде Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го обвини премиерот Заев „за ретерирање за личните карти“ и за „бришење на идентитетот“, тврдејќи дека тоа не е согласно европските норми и стандарди.

– Нема работа за која Зоран Заев не ретерираше. Најпрвин велеше прифаќам да стои Македонци, Албанци, Турци, Роми во личните карти, за потоа да рече дека тоа било неевропски, па сега ретерира, порача вчера Мицкоски од Свети Николе.

Тој истакна дека во личните карти „нема да имаме Македонци“, затоа што „Зоран Заев го избриша тоа“. – Зоран Заев создава нова нација која што треба да биде македонско кроз граѓанин на државата со новата придавка, рече Мицкоски.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, пак, смета дека внесувањето графа за етничка припадност во личните карти го редефинира значењето на документот со тоа што го подрива граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот и ја предизвикува интеграцијата на државата во Европската Унија, заради тоа што ниту една земја членка на Унијата нема воспоставено ваква практика.

– Споредувајќи ги податоците во личните карти на граѓаните-државјани на 134 држави во светот, компаративните искуства укажуваат на негативните импликации на внесувањето етничка или религиска припадност во личните карти. Поради ова, повеќе држави во годините наназад или целосно го напуштија овој пристап или го направија опционално внесувањето на етничката припадност во личните карти, односно оставија на граѓаните да одлучат дали етничката припадност ќе биде внесена во нивната лична карта, наведува Хелсиншкиот комитет, додавајќи дека ниту една земја членка на ЕУ не предвидела внесување на етничката припадност во личните карти на нивните граѓани.