Продолжува 31. седница на Собранието
Собранието денеска во 13 часот треба да ја продолжи 31. седница. Пратениците треба да расправаат за измените на Законот за комуналните дејности, за измените и дополнувањата на Законот за финансиската полиција, за измените на Законот за градење и за измените на Законот за превоз во патниот сообраќај, сите по скратена постапка.
Собранието вчера во рамки на 31-та седница без дискусија ја завршија општата расправа по Предлог законот за изменување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Предлог-законот за изменување на Законот за еднакви можности на жените и мажите, двата во прво читање, со заклучок дека се прифатливи да се проследат во второ читање и во Комисијата за еднакви можности и Законодавно-правната комисија.
Дополнително пратениците ќе бидат известени за гласање за Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година, Предлог одлуката за давање согласност на Предлогот на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година, во второ читање и за Предлог-одлуката за давање согласност на Предлогот на Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година, во второ читање. Исто така дополнително ќе се гласа за Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2024 година со дополнување и пренамена на средства, како и за Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2025 година со дополнување и пренамена на средства.
Во однос на Финансискиот план за МРТ за 2024 реагираше пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ укажувајќи дека се работи за веќе измината буџетска година и се прекршува закон.
-Вака донесената одлука за давање согласност за веќе измината година е прекршување на законот. Самата одлука би била спорна и доколку биде оспорена, може да предизвика дополнителни негативни последици, рече Трајчулевски.
Собранието во рамки на 31. седница вчера го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата во трето читање, откако претходно беше изгласан последниот од шесте поднесени амандмани, од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Законот беше донесен со 65 гласа „за“ и 17 „против“. Со Бадинтер гласаа 12 пратеници гласаа „за“ и шест „против“. Претходно, претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за прогласување на овој Закон.