Продолжение на 120. седница на Собранието


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието денеска треба да се одржи продолжението на 120-та седница. Од дневниот ред на седницата се преостанати повеќе точки, меѓу кои Предлог-законот за данокот на солидарност, по скратена постапка, предлозите за именување на членови на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеничката Моника Зајкова, во прво читање.

На дневен ред се и Предлогот за именување директор на Агенцијата за администрација, Предлогот за избор на член на Советот на јавните обвинители, Предлогот за именување претседател и членови на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.

Неразгледани се и точките – Фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2024-2028, Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година, Предлог на одлука за испраќање на припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан. 

Пратениците треба да дискутираат и за годишните извештаи за работата на Агенцијата за супервизија на осигурувања и на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на осигурителниот пазар, и двата за 2022 година, како и Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2022 година.