Продолжена кризната состојба во енергетиката


 

Собранието вчера ја продолжи кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата и во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје. заклучно со 30 април идната година.

На вчерашното продолжение од 86-та собраниска седница со 83 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласано продолжувањето на рокот на постоење на кризна состојба на целата територија на државава заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, а со 86 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласана Предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Со оваа одлука се овозможува да се преземат мерки и активности, вклучувајќи и финансиска интервенција за да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија. Со донесувањето на одлуката Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ќе ја следи, анализира и проценува состојба на пазарите на електрична и топлинска енергија и ќе предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека ни претстои најтешката зима после Втората светска војна и дека со ребалансот на Буџетот веќе се обезбедени 76 милиони евра за антикризни мерки за одржување на ликвидноста во електроенергетскиот сектор, при зголемена цена на енергенси и при зголемена цена на електрична енергија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера ја повика Владата да одговори зошто го одбива неговиот план за справување со енергетската криза. Тој посочи дека планот е можност да се обезбеди стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и за индустријата но, исто така и затоплување на објектите и домовите кои се корисници на централното греење во Скопје.