Продажбата на половни електрични автомобили во Велика Британија зголемена за 32 отсто
Продажбата на половни целосно електрични автомобили во Обединетото Кралство достигна нов рекорд во првите три месеци од оваа година, според Здружението на производители и трговци на автомобили (СММТ). Имено, 86.943 возила смениле сопственици меѓу почетокот на јануари и крајот на март. Тоа е зголемување од 32 отсто во однос на истиот период минатата година и е најголемо за кое било тримесечје досега.
Целосно електричните автомобили, исто така, зазедоа највисок пазарен удел од 4,3 отсто. Податоците на СММТ говорат дека тоа е резултат на зголемениот избор, попустите и владините стимулации за нови електрични автомобили, коишто се филтрираат на пазарот на половни автомобили.
Вкупниот пазар на половни автомобили беше практично непроменет во првото тримесечје, со пад од 0,2 отсто на купопродажбите – на 2.016.232 трансакции. Продажбата на половни бензински автомобили се намалила за 0,6, додека падот на трансакциите за дизел-возила – на 6,7 отсто.
– Пазарот на половни автомобили во Велика Британија остана непроменет во првото тримесечје, попречен од слабоста во март во споредба со многу силните перформанси во 2025 година. Подобрата вест е рекордната побарувачка за половни електрични возила, бидејќи растечкиот избор од производителите се пренесува на пазарот на половни возила. Високите цени на горивата, со оглед на конфликтот во Иран, може уште повеќе да ја зголемат побарувачката, но за да се одржи овој моментум, мора да се искористи секоја фискална и политичка рачка за да се обезбеди здрав пазар на нови автомобили што испорачува возила со нулта емисија што во иднина можат да се протегаат на пазарот на половни возила, изјави главниот извршен директор на СММТ, Мајк Хоус.
Ијан Пламер, главен директор за клиенти на интернет-пазарот за возила „Аутотрејдер (Autotrader)“, се согласи дека пазарот на половни автомобили „еволуира“.
– Трансакциите за половни електрични возила се зголемија, а пазарниот удел расте. Растечките цени на бензинските пумпи – поттикнати од глобалната нестабилност, поттикнуваат сѐ повеќе луѓе да ги преиспитаат своите трошоци за работење, помагајќи уште повеќе да се забрза оваа промена, појасни Пламер.
– Во многу случаи, батеријата ќе трае подолго од самиот автомобил, додаде Џини Бакли, уредник на инернет-страницата за совети за купување електрични автомобили, „Електрифајинг (Electrifying)“.
Тој смета дека продажбата на половни електрични возила е во раст затоа што луѓето прават пресметки и им се допаѓа она што го гледаат – пониски тековни трошоци, помалку подвижни делови, поевтино сервисирање и батерии – многу потрајни отколку што предвидуваа многу критичари.