Продажбата на електромобили во Европа може да се зголеми три пати


Електричните возила учествуваат со осум насто од вкупната продажба на автомобили во Европа во првата половина на годината. Тоа може да значи трипати поголем удел во продажбата за оваа година, според анализа на невладината организација Транспорт и животна средина (Т&Е) од Брисел, Белгија.

„Корона-пандемијата ја намали продажбата на автомобили, но онаа на електромобили, коишто T&E ги дефинира како возила со батерии или хибридни модели, се зголеми… Директната продажба на вакви возила се очекува да се зголеми двојно, на еден милион единици“, се вели во анализата.

Овој раст, T&E им го припишува на построгите правила за издувни гасови кои во Европската Унија стапија во сила оваа година, како и на олеснувањата и стимулациите за купување во Германија и Франција.

Европската асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА) смета дека продажбата на електрични возила е водена од националните програми за поддршка и зајакнување на економијата по пандемијата на Ковид-19, но и оти овој трендот не мора да биде долгорочен. – „Тешко е да се предвидат идните долгорочни поместувања на однесувањето на потрошувачите засновани врз таков субвенциониран вештачки раст“, ​​сметаат аналитичарите на АЦЕА.