Продавниците со помалку купувачи, граѓаните велат дека на некои секој ден им е бојкот

Бојкотот можеби ќе помогне, но ако не, треба се преземат други мерки бидејќи народот навистина не може да излезе на крај, велат дел од граѓаните


 

Повикот за бојкот на купување од големите синџири маркети, денеска иако е пазарен ден, го намали бројот на купувачи, но не ги испразни и целосно продавниците. За дел од граѓаните, ваквиот протест може да придонесе до освестување на трговците и до намалување на цените, додека други пак, велат дека клучот е во државата и во нејзините институции кои што треба да преземат соодветни мерки за решавање на овој горлив проблем.

„Ние граѓаните, дали ќе протестираме мирно, дали ќе покажеме граѓанска непослушност, сепак ништо не можеме без државата. Треба да се направи нешто, но клучот е во владата. Граѓанската непослушност веројатно ќе има некој ефект, но до кога ќе видиме“, вели еден граѓанин, кој денеска реши да се приклучи на бојкотот.

Други, пак велат дека за оние посиромашните, кои не се малку, секој месец бојкотираат, но не по сопствена волја, туку од причина што не можат да го врзат почетокот со крајот на месецот.

„Луѓето во нашата држава се толку сиромашни што секој ден им е бојкот, посебно на крајот на месецот. Навистина е тешко“, вели една скопјанка.

Слично е и со пензионерите со ниски пензии. Еден повозрасен граѓанин вели дека со оглед што има ниска пензија, цените за него и да се намалат, ќе бидат големи.

Има и такви кои што се сомневаат во ефектите на бојкотот.

„Не знам дали ќе има ефекти, но она што го гледам во продавниците, барем тоа што сум го купил пред неколку недели сега е поскапено за 30 отсто“, вели револтирано еден скопјанец.

Повеќето сметаат дека клучот е во надлежните институции и во Владата.

„Белки некој од надлежните влегува во продавници да види колку се зголемиле цените за кратко време. Бојкотот можеби ќе помогне, но ако не, треба се преземат други мерки бидејќи народот навистина не може да излезе на крај“, велат дел од граѓаните.

Продавниците во Скопје осамнаа денеска попразни од вообичаено, иако се чини дека бојкотот не е целосно прифатен.

Дел од граѓаните сметат дека оваа иницијатива нема да ги даде посакуваните ефекти и стравуваат дека може да се направи полошо.

„Ќе бојкотираме за да ги подигнат повеќе цените“, вели еден граѓанин.

Повикот за бојкот дојде откако пропаднаа сите обиди на Владата да ги заузда цените на производите во маркетите, па граѓаните се самоорганизираа преку социјалните мрежи. Колку овој граѓански протест ќе биде успешен, ќе се види откако ќе се сумираат приходите, но веќе самата најава имаше ефект кај трговците кои инстантно подготвија акции за намалување на цените на дел од производите, а некои пак, бојкотот го искористија да прават попис.

Слични вакви бојкоти на маркетите денес се организираат и во други земји во регионот, па така денешниов петок, веќе доби обележје на „црн ден за трговијата“. Бојкототот беше инициран во Хрватска, а денес таму се прошири не само на физичкото купување од продавниците, туку и на купувањето онлајн. Вакви акции се најавени и во Словенија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

Иако генерално поддржан, па дури и од политичарите, економистите кај нас се поделени во мислењата за ефектите од оваа граѓанска акција. Според едни, тоа може да биде сигнал и за власта, но и за сопствениците на трговските синџири, повеќе да мислат на стандардот на граѓаните, а не само на сопствениот џеб и остварувањето што поголеми профити, а други пак, укажуваат дека поради карактерот на побарувачката, тешко може да се очекува дека бојкотот ќе го намали прометот во трговијата, барем не на подолг рок.

Статистиката ја измери инфлацијата на ниво од 3,5 проценти минатата година (мерена според порастот на трошоците на живот), а цените на мало во истиот период беа поголеми за 3,8 отсто, но граѓаните се сведоци дека во маркетите не е така, па се жалат на секојдневните неразумни поскапувања на некои од основните продукти.

Тоа го покажуваат и податоците за синдикалната кошница на Сојузот на синдикати според која минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари беа поголеми за околу 400 денари во однос на еден месец претходно. Во првиот месец од годинава, синдикалната минимална кошница „тежеше“ 63.252 денари, што е значително повеќе од просечната нето плата која во ноември лани достигна 41.999 денари.

И покрај поддршката на бојкотот, премиерот Христијан Мицкоски вчера од собраниската говорница обвини за манипулации со потрошувачката кошница, но и за „манипулации и трикови“ од страна на трговците. Тој најави и „второ“ и „трето полувреме“. 

„Состојбата што ја затекнавме е алармантно катаклизмична. Има различни начини за справување со предизвиците, замрзнување на цени, замрзнување на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи… Тоа што ние прво го напрвивме е имплементирање на Законот за нефер трговски пракси, разговаравме со производителите и коморите сѐ со цел да не применуваме офанзивни рестриктивни политики, туку тоа да биде со консензуален пристап и како резултат на тоа ја направивме новогодишната потрошувачка кошничка“, рече премиерот Мицкоски.

Но, како што посочи, според сведоштва на граѓаните, дел од производителите, дистрибутерите и маркетите, се служат со трикови што доведе до поскапување на одредени производи, како што на пример беше цената на маслото за јадење.

„Дел од производителите тоа го правдаа со цената берзите која била зголемена, но ние проверивме и се уверивме дека тоа не е тоа така. Во целата спроведена анализа за потрошувачката кошничка воочивме дека можеби ќе треба да се прошири оваа акција, бидејќи како да ги заборавивме аптеките, бидејќи со право пензионерите се незадоволни. Оваа акција ќе добие и свое второ полувреме и затоа апелирам до сопствениците на аптеки да размислат, а ќе има и трето полувреме за синџирите за бела техника. Ние пошироко ќе гледаме на оваа состојба бидејќи се влегува во потрошувачката кошничка, вклучувајќи ја и продажбата на текстил“, нагласи премиерот Мицкоски.

Премиерот најави дека во периодот кој што следи Владата планира намалување на парафискалните давачки, односно како што рече, нешто што позитивно ќе влијае на намалување на цените.

Според граѓаните, напорите и мерките што до сега беа преземани, како преку замрзнување на цените, ограничување на маржите, па се од последното „џентлменско“ спогодување со трговците сами да определат производи на кои ќе им ги намалат цените, не вроди со плод. Ако за едни производи цените беа намалени, тоа се компензираше со зголемување на цените на други, па на крајот, кога ќе се појде на каса, излегува дека сметката што треба да се плати е иста, ако не и поголема, се жалат граѓаните.

Од синдикатите обвинуваат дека Владата задоцнето реагирала, односно дека цуште пред да се преземат акции, трговците превентивно ги зголемувале цените, а потоа намалувањето практично било фиктивно.

Поддршка за бојктотот дојде и од Организацијата на потрошувачите од каде што велат дека граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените по маркетите. 

„Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени“, изјави претседателка на ОПМ, Мирјана Лончар.

Опозицијата смета дека власта ги остави граѓаните гладни, како и дека овој бојкот не е само бојкот против маркетите, туку „бунт против нечесната власт која со својата неспособност и алчност дозволи народот да биде ограбен“, велат од СДСМ.

Дел од граѓаните велат дека проблемот лежи во ниските плати, а не толку во цените. ССМ побара зголемување на минималната плата на 500 евра, а власта тоа прашање го остава да го договорат меѓу себе работовците и синдикатите. Дел од стопанствениците, пак, зголемувањето на минималната плата го земаат како изговор за зголемување на цените, бидејќи, како што велат, преку повисоките плати им се зголемиле и трошоците за работење.

На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеничката и поранешна министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска упати прашање до премиерот Мицокоски дали ќе го прифати предлогот на повеќето синдикати за зголемување на минималната плата на над 500 евра. Според неа растот на минималната плата не е само економска потреба, туку и морална одговорност на секоја влада.

Во однос на цените во маркетите, таа го актуелизираше барањето на СДСМ за укинување на ДДВ за храна. Според овие пресметки, на ваков начин (преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи) семејствата би заштедиле до 2.000 денари месечно или 24.000 денари годишно.