Продавачите на кафе во Градски парк ќе добијат нови локации


Град Скопје определи 21 локација каде што ќе може да се паркираат мобилни продавачи во Градскиот парк. Градските власти објавија јавен повик на кој сите заинтересирани за користење локации за поставување урбана опрема за продажба на кафе, сокови, храна, пуканки и слично ќе може да се пријават и да добијат една од локациите.

Секој ќе добие иста површина, а локациите се распределени во двата дела на Градскиот парк. Еден од условите во јавниот повик е изгледот на подвижните објекти да не го нарушува амбиентот на градски парк и да немаат негативни еколошки влијанија врз околината. Треба да користат агрегат за напојување со електрична енергија, со ниска бучавост, да не користат озвучување, а ќе бидат обврзани и отпадот да го фрлаат во посебни корпи, а не во кантите што се поставени во паркот. Со одобренијата ќе биде регулирано работното време, дотурот на роба. Јавниот повик е отворен до 20 февруари.

„По реакциите на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки, со јавниот повик се воведува ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи“, велат во Градот Скопје.