Продадени уште три стана и гаража конфискувани од Мијалков

Со продажбата на овие четири недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 330.350 евра


Фото: Б. Грданоски

 

Агенцијата за управување со одземен имот ја информира јавноста дека со денешната објава за продажба на четири недвижности, а со претходно донесена Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

-Имено, станува збор за три стана кои што се наоѓаат на ул. „Славејко Арсов“, еден од 78м2, два од 73м2 и една гаража од 30м2 на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда I KOK-ПП.бр.283/2022 од Основен кривичен суд Скопје.”

Со продажбата на овие четири недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 20.316.663 денари или 330.350 евра, истакнуваат од Агенцијата.

Агенцијата за управување со одземен имот во септември успеа да продаде вкупно три одземени недвижности од Мијалков, согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“.

Агенцијата во август годинава објави оглас на кој беа понудени дел од конфискуваните недвижнини од Мијалков за случајот, а наддавањето беше закажано за 25 август.

На продажба беа понудени два стана во Охрид, од кои едниот со површина 65 квадратни метри, чија вредност од Бирото за судски вештачења е проценета на 5.775.234 денари или околу 94 илјади евра. Другиот стан, кој е во иста зграда, е поголем, со површина од 114 квадратни метри и е проценет на 9.032.505 денари (околу 147.000 евра). Земјиштето од 56.818 квадратни метри кај Морани во Општина Студеничани беше понудено со почетна вредност од 17.045.421 денари или околу 277.000 евра, додека плацот кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 квадратни метри беше проценето на 29.686 денари или нешто помалку од 500 евра.

Претходно, во јули годинава на аукција на берза беа ставени запленети акции на Мијалков.