Продадени 688 новоизградени станови – раст на продажбата на недвижности сред пандемија


Фото: Б. Грданоски

Во третиот квартал годинава на пазарот на ндевижности се регистрирани 5.985 трансакции, за 1.912 повеќе во однос на вториот квартал, што укажува на раст на пазарот на недвижности во обемот на тргување и опоравување со оглед на намалениот број по стартот на ковид кризата.

Според последниот извештај од Регистарот на цени и закупнини, во периодот јули – септември годинава во државава се продадени 688 новиизградени станови, за седум повеќе од вториот квартал годинава, а од вкупно 1.099.133 станови, под хипотека се 143.588 или 13,06 отсто од становите.

-Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со септември на целата територија на државата има 6.923 станови кои се изградени, а се уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 487. Исто така катастарот издал 13.505 листови за предбележување на градба што укажува дека тие објекти се во фаза на градбa и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на нови градби моментно ја задоволува побарувачката на нови стнаови, стои во извештајот.

Анализата од Регистарот покажува дека како и во претходните квартали во Општина Центар е највисока цената на становите и за метар квадратен таа во просек изнесува 58.489 денари, за илјада денари помалку во просек се плаќа за метар квадратен станбен простор во општина Карпош, а во општините Аеродром и Кисела Вода, по 55.037 односно 52.922 денари.

Речиси приближна просечна цена е постигната на становите во Охрид и во скопската општина Ѓорче Петров и за метар квадратен таа изнесува 46.624 односно 46.078. Во Гази Баба таа изнесува 44.229, додека во Битола и Штип за метар квадратен се плаќа по 36.589 односно 36.385 деанри. Околу 33.000 чини метар квадратен станбена површина во Струмица, Чаир и Кочани, а во Куманово таа изнесува 26.685.

Во Регистарот на цени и закупнини од почетокот на јули до крајот на септември годинава се впишани 3.862 купопродажби на недвижности, 688 продажби од инвеститор, 27 откупи од државата, една продажба по пат лицитација. Вкупно имало 4.578 продажби, за 1.381 повеќе во однос на вториот квартал годинава, покажува Извештајот од регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности.

Најмногу трансакции имало во јули и се регистрирани 2.247, а најмалку во август 1.747, додека во септември се регистрирани 1.990 трансакции. Според тип на трансакција најмногу продажби имало во септември 1355, а најмногу закупи во јули 655. Во јули се регистрирани и најголем број продажби на новоградби од инвеститор, 291.

Скопските општини Центар, Карпош и Аеродром, со над 400 трансакции во јули, август и септември и натаму се лидери според бројот и обемот, а со најмалку трансакции се општините Градско, Арачиново и Центар Жупа, додека во Вевчани немало ниту една.

Податоците од извештајот покажуваат дека во Скопје под хипотека се 22,14 проценти од становите, во Неготино 18 проценти, во Гевгелија 16 проценти, Кавадарци 14 проценти…, а во Кратово хипотека има само над 1,36 проценти.

Статистиката од закупите, пак, покажува дека во третиот квартал годинава во Регистарот на цени и закупнини се запишани 1.407. Најголем број се на деловни простори, 36 проценти, односно по тој основ имало 511 трансакции, на станови отпаѓаат 33 проценти од закупите или 465 трансакции, на куќи 14 проценти, на земјоделско земјиште 11 проценти, а градежното земјиште учествува со три проценти, индустријата со два проценти. Поголемиот дел, односно 83 проценти од закупите се на становите, деловните простории и куќите.

Споредено со вториот квартал годинава кога имало 876 закупи во третиот квартал има зголемување на бројот на закупи за 531 трансакција. Временската рамка покажува дека најголем број закупи се регистрирани во јули, 566, а најмал број во август, 410, додека во септември имало 431 закуп.

Анализата од регистарот покажува дека најмногу е закупено земјоделско земјиште, а најгоема ценанамесечна закупнина достигнале деловните простории.

Во анализираниот тримесечен период немало ниту еден закуп во Арачаиново, Вевчани, Зелениково, Јегуновце ,Липково, Маврово и Ростуше, Пехчево и Центар Жупа.

Најголем број закупи исто како и кај продажбите има во Општина Центар и во третиот квартал се регистрирани 230, а зад неа следат Општина Аеродорм со 128 и Општина Карпош со 105.

Просечната цена по метар квадратен станбен простор за закуп е највисока во општина Центар и изнесува 278 денари, во Карпош таа изнесува 248 денари, во Аеродром 237, во Охрид 235 денари, додека во Битола се плаќа по 166 денари закуп по метар квадратен, а во Штип по 127 денари за метар квадратен.