Продадена првата од запленетите јахти на руските олигарси
Јахтата „Аксиома“ на рускиот олигарх Димитри Пумпиански е продадена на задолжителна аукција во Гибралтар за 37,5 милиони долари
Непознат купувач ја купи луксузната јахта „Аксиома“ од рускиот олигарх Димитри Пумпиански на задолжителна аукција во Гибралтар за 37,5 милиони долари, објави судот на британската прекуморска територија на јужниот дел на Шпанија. „Аксиома“ долга 73 метри е првата јахта во сопственост на олигарх што сменила раце поради санкциите кои произлегуваат од руската агресивна војна во Украина, пишува весникот „Гибралтар хроникл“.
Јахтата под малтешко знаме е запленета на барање на американската банка ЏП Морган, која си го бара заемот од 20,5 милиони долари од компанија која му се припишува на Пумпиански, пишува весникот. Банката поднесе тужба за отплата на заемот откако Пумпиански беше ставен на листата на санкции на ЕУ и Велика Британија поради војната. Како резултат на тоа, неговиот имот беше замрзнат.
Купувачот, чие име се чува во тајност, ја доставил највисоката од 63 понуди до 23 август, крајот на продажбата за запленување организирана од британска аукциска куќа, пишува понатаму весникот. Судот прифати и дополнителна исплата од 505.000 евра за приборот на бродот и залихите на вино и алкохол на бродот. Доверителите сега имаат 60 дена да ги изнесат своите барања пред судот во Гибралтар, пишува весникот.