Процесот за „Плацевите на Водно“ почна со самоуверена обвинителка и остри изјави на адвокатите


Орце Камчев го бранат шест, а Сашо Мијалков тројца адвокати

Обвинителката Лиле Стефанова уште во воедниот говор побара обвинитети да бидат прогласени за виновни, а адвокатите на Камчев и Мијалков велат дека кај нивните клиенти не постои никаква вина

 

Судскиот процес за случајот „Плацеви на Водно“ денеска почна сол воведен говор на обвнителката Лиле Стефанова и со остро отфрлање на наводите од страна на адвокатите на двајцата главни обвинети, Орце Камчев и Сашо Мијалков. На Никола Груевски, кој има дадено исказ за случајот, ќе му се суди во отсуство.

Стефанова во својот говор рече дека за секое дејствие кое е наведено во обвинителниот акт и за секој факт обвинителството ќе изведе докази. „Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба“, рече Стефанова. Таа побара сите обвинети да бидат огласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт.

Според обвинението, Никола Груевски во периодот од 2006 до 2012 година присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Потоа, се тврди дека Груевски во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.

Покрај овие тројца, обвинети се и кумот на Груевски, Ристо Новачевски, мајката на Орце камчев, Ратка Камчева, како и Ненад Јосифовиќ, кој е вработен во „Орка холдинг“.

Орце Камчев го бранат шест адвокати, а Сашо Мијалков тројца. Никола Груевски има адвокат по службена должност. Камчев и Мијалков се во притвор и од таму беа донесени на судењето.

Еден од адвокатите Мијалков, Звонко Давидовиќ по завршувањето на рочиштето изјави дека обвинението немало ни правна ни човечка логика.

„Онака како што е напишано обвинението воопшто не соодвествува на законското битие на законското дело перење на пари. Покрај тоа што нема правна логика, нема ни човечка логика, затоа што на еден министер за финансии, на човек кој премиер беше 10 години, не му е потребен никој кој ќе му обезбеди офшор компанија, а обвинителката сама во воведниот говор си скока во уста и вика дека веќе знаел дека имало офшор компании, па капиталот го вложувал“, рече Давидовиќ и нагласи дека обвинението за Мијалков било исконструирано.

Адвокатите на Камчев, пак, имаа поинакви забелешки за обвинението и упатија зборови на загриженост за неговото здравје. Еленко Миланов по рочиштето изјави дека сумите што биле спомнувани во обвинителниот акт биле удели од тековното работење на „Орка холдинг“.

„Не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт. Затоа што, оној којшто, според она што денеска го кажа обвинителката, ги пуштил како прв парите во промет не може да биде обвинет, не се исполнети законските претпоставки. Второ, слушнавме во воедниот говор, нови докази за наводни трансакции. Ќе докажеме дека ништо одва не е направено на тој начин и на било кој друг, туку дека сите средства коишто учествуваат во овие откупувања на удели се од деловно работење на компанијата ‘Орка холдинг’“, рече адвокатот Миланов.

Тој рече дека неговиот клиент нема никаква вина и упати апел да се следи дека здравствената состојба на Орце Камчев, за што доставиле обемна документација од четири институции и од сите кардиоваскуларни стручњаци. Според таа документација имало многу висок ризик за неговото здравје поради условите во кои се наоѓа.

Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава. Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова. (Н.В.)