Проценителите на штетата од земјотресот добиле и до 2.500 евра, оштетените битолчани по 750 денари во просек


Битола

Седум лица чии имиња се спомнуваат во Комисијата за проценки од штети од земјотресот во 2022 година во Битола, според податоците на порталот „Отворени финансии“ биле платени околу 14.000 евра, или  од 1.600 до 2.400 евра за секој член. Наспроти тоа, граѓаните чија штета била проценувана добиле во просек само по 750 денари, или колку да купат една канта боја, објави СДК.МК

Едниот од експертите, по професија градежен инженер, зел околу 2.500 евра, а другиот дипломиран правник околу 2.200 евра. Лицата од администрација истиот ден зеле од 1.650 евра до 1.980 евра. Вкупно кон проценителите биле исплатени 843.210 денари, (околу 14.000 евра). Според објавите во „Службениот гласник“, за проценка на штетите земале по 360 денари од предмет што би дошло околу 2.342 решени предмети.

Од Општината посочија само дека биле исплатени согласно одлуката на советниците и бројот на сработени предмети. Не соопштија ни колку изнесува најниската, а колку највисоката исплата на оштетените граѓани, зашто велат дека Законот за заштита на лични податоци не дозволувал поединечно да се истакнуваат износи.

Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, која беше претседателка на Советот во периодот кога се случи земјотресот, реагира дека „битолчани добија по 81 денар за штетите од земјотресот“.

Неспорно е дека Комисијата уште истата година ги завршила обврските за кои била избрана. Ги проценила штетите на 35.690.926 или 584.617 евра и го подготви извештајот во вид на елаборат испратен до Владата. Но, Владата во октомври 2024 година решила да се издвојат само 5 проценти од штетата, односно 1.784.546 денари (29.000 евра). Со тоа настана голема разлика во исплатата на оштетените и проценителите.

Во јануари 2022, Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Нaјсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница и други институции, згради и куќи.