Процедурата за нови претседателски функции на ЕУ ќе започне на 28 мај


Белгија – Лидерите на Европската Унија вчера во Сибиу се договорија за процедурата на номинација на високите функции на ЕУ во новиот состав по изборите за Европски Парламент.

Сегашниот претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск, ги повика лидерите да започнат со работа веднаш по изборите на 28 мај кога ќе биде свикан вонреден европски самит, на кој ќе се анализираат и изборните резултати.

За следниот состав на европските функции треба да се номинираат претседател на Европската Комисија, чиј мандат завршува на крајот на октомври, претседател на Европскиот Совет во ноември, претседател на Европската Централна Банка, чиј мандат исто така истекува во октомври, потоа и висок претставник за надворешна политика, на местото на Федерика Могерини.

Претседателот Туск побара од лидерите да не ја одолговлекуваат процедурата по изборите и во најкус можен рок да поднесат предлози кои ќе ги почитуваат „нормите и духот“ на повелбите на ЕУ како и географската рамнотежа на Унијата.

Вчерашниот неформален самит на Унијата во Сибиу уште еднаш покажа дека поделбите околу начинот на назначување на идните високи функции во ЕУ се длабоки.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, јасно стави до знаење дека е против процесот на „Шпиценкандидати“, односно автоматски да биде назначен за претседател на Европската Комисија кандидатот на партијата што ќе победи на изборите, како што беше случај пред пет години со Жан Клод Јункер кој ја предводеше листата на Европската Народна Партија.

-Не го поддржувам принципот на Шпиценкандидати, не ги поддржувам кујните на големите европски партии, изјави тој и оцени дека треба да постојат транснационални изборни листи.

Зад Макрон застана и премиерот на Луксембург, Ксавие Бетел, кој исто така смета дека Шпиценкандидатите имаат смисла само доколку за нив би можеле да гласаат сите граѓани на ЕУ.

Засега, во ЕУ, на изборите за Европски Парламент, граѓаните можат да гласаат само за националните претставници на европските политички партии.