Проблемите со нафтата ќе бидат двојно полоши овој месец отколку минатиот, вели шефот на Меѓународната агенција за енергија
Прекинот во глобалните испораки на нафта во април ќе биде двојно полош отколку во март, предупреди шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол.
Според него, сегашните прекини, предизвикани од практичното затворање на Ормутскиот теснец од страна на Иран, значат губење на повеќе од 12 милиони барели нафта дневно.
Бирол предупреди дека наскоро би можеле да следат специфични недостатоци на одредени видови гориво, особено керозин и дизел. „Во април, загубата на нафта ќе биде двојно поголема отколку во март, покрај веќе постоечките загуби на течен природен гас“, рече тој во интервју за норвешки подкаст.
Тој додаде дека најголемиот проблем во моментов е недостатокот на керозин и дизел.
„Веќе го гледаме ова во Азија, а наскоро, веројатно во април или мај, ќе се почувствува и во Европа“, рече тој.
ИЕА, исто така, разгледува дополнителни ослободувања од стратешките резерви на нафта за ублажување на ефектите од кризата.
Минатиот месец, агенцијата веќе ослободи рекордни 400 милиони барели нафта на пазарот, а Бирол не исклучи понатамошни интервенции доколку ситуацијата се влоши.
Војната меѓу САД, Израел и Иран започна кон крајот на февруари кога американските и израелските сили започнаа напади врз ирански воени и нуклеарни цели, вклучувајќи ги базите на Револуционерната гарда и објектите поврзани со ракетната програма на Иран.
Иран возврати со ракетни и беспилотни напади врз американските бази во регионот и врз цели во Израел и земјите од Персискиот Залив, додека конфликтите се проширија и на поморскиот сообраќај, особено во Ормутскиот теснец, низ кој поминува голем дел од светската нафта.
Тензиите продолжуваат да растат и покрај повремените сигнали за можни преговори, ниту една страна досега не покажа подготвеност брзо да го заврши конфликтот.