Проблематичниот третоодделенец утрово се појави на часови во „Лазо Ангеловски“ соучениците си заминуваат

За вечерва, свикан е состанок на Советот на родители во „Лазо Ангеловски“, на кој треба да се одлучи за бојкот на наставата од сите одделенија, што би почнал од утре


Ученици во скопски Аеродром на почетокот на учебната година (Фото: Независен)

Соучениците на проблематичниот, насилен ученик во трето одделени од ООУ „Лазо Ангеловски“ денеска ја напуштаат наставата, откако родителите го донеле ученикот на часови.

За вечерва, свикан е состанок на Советот на родители во „Лазо Ангеловски“, на кој треба да се одлучи за бојкот на наставата од сите одделенија, што би почнал од утре, доколку ученикот остане на настава во ова аеродромско основно училиште.

Утрово, родителите го донеле ученикот пред вратата на училиштето, но и покрај отпорот на родителите и соучениците од неговиот клас, обезбедувањето немало друг избор, освен да го пушти ученикот во училница, затоа што неговите родители си заминале, а тој е малолетен и училиштето одговара за него.

Последните три дена, родителите и учениците од ООУ „11 Октомври“ во скопски Центар ја бојкотираа наставата, затоа што не сакаа да посетуваат настава со проблематичниот ученик, откако тој доби согласност за преместување во тоа училиште.

„Нема место за насилник таму каде што учат нашите деца!“. „„моето дете има право на безбедно образование“, „Со безбедноста на нашите деца нема да преговараме“!, се дел од пораките од родителите на учениците од ООУ „11 Октомври“ во скопски Центар.

Со бојкот почнаа вчера, кога децата од прво до четврто одделение не беа на настава, а денеска бојкотираат сите ученици.

Ваквата одлука е донесена во знак на бојкот поради префрлање на ученик во нивното училиште откако во другото училиште покажал проблематично однесување и бил насилен кон соучениците.

Родителите имале обид да контактираат со Државниот просветен инспекторат, но безуспешно и бараат системско решение. Стравуваат дека насилното однесување на ученикот ќе се повтори и во новото училиште.

Раководството на училиштето дало согласност за упис на детето, но потоа ја повлекло откако од родителскиот совет добиле документи во кои јасно стои дека трансферот на ученикот треба да биде во рамките на Општината Аеродром и да се води институционално.

„Имаме деца кои работат по индивидуална програма, кои што деца со таков статус би дошле физички присутни со деца кои имаат насилно поведение, верувајте дека веќе зборуваме за загрозување на лично здравје, не само на тие ученици, туку и на останатите“, рече Горан Нациќ, претставеник од родителите, на вчерашниот собир пред училиштето „11 Октомври“.

Директорката на „11 Октомври“ Даница Блажевска, открива дека согласноста за упис била дадена откако родителите на детето дошле кај неа во училиштето и соопштиле дека поради промена на адреса на живеење сакаат да го запишат нивниот син во „11 Октомври“. Меѓутоа тогаш испливале информациите дека детето има историја на насилно однесување и дека неговото матично училиште „Лазо Ангеловски“ изрекло мерка за преместување на детето и тоа било префрлено на онлајн настава. Блажевска побарала информации од колешката во „Лазо Ангеловски“.

„Директорката на „Лазо Ангеловски“ вели дека третооделенецот сѐ уште е нивен ученик, трансферот бил побаран од родителите, а не институционално и поради тоа не смеела да дава никаква информација за детето. Таа смета дека протекувањето на документите со историјата на ученикот е кривично дело“, додава Даница Блажевска, директорка на „11 Октомври“.

„Родителите кои на своја рака ги прибавиле документите од целиот случај и откриле дека и родителите на детето и неговото матично училиште се обиделе да ја изиграат процедурата денеска револтирани не ги пуштија своите деца на настава“ вели м-р Магдалена Петреска, директор на ОУ „Лазо Ангеловски“, пренесе вчера Телма.

Директорот на просветниот инспекторат Шабан Алајбегу изјави дека сè уште се изготвува записникот кој треба да биде готов денеска.

Општина Центар бара институционално решение за ученикот со предизвици во однесувањето

Општина Центар целосно ги поддржува учениците, родителите и раководството на ООУ „11 Октомври“ за соодветно и институционално решавање на случајот со ученикот кој бил префрлен од ООУ „Лазо Ангеловски“ без претходно известување дека станува збор за дете со проблематично однесување.

Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите релевантни институции – Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука и засегнатите училишта – итно да седнат на заедничка маса и да најдат одржливо решение.

„Се работи за исклучително чувствителна ситуација. Детето, како ученик во трето одделение, не смее да биде лишено од своето право на образование, но истовремено мора строго да се почитуваат процедурите за преместување во друго училиште, што во овој случај не било направено“, изјави Герасимовски.

Директорката на ООУ „11 Октомври”, Даница Блажеска, потврди дека при запишувањето на ученикот, училиштето било доведено во заблуда. Според неа, информацијата дека ученикот имал изречени мерки во претходното училиште била намерно сокриена.

„Како училиште издадовме согласност за запишување по редовна постапка, но подоцна, преку неофицијални канали, добивме информации за предизвиците со однесувањето на ученикот. Со цел да ја потврдиме точноста на тие наводи, се обидовме да стапиме во контакт со надлежните од ООУ „Лазо Ангеловски”, преку мејл, со писмен допис и телефонски, но не добивме одговор. Подоцна, родителите од нашето училиште доставија документи кои покажаа дека ООУ „Лазо Ангеловски“ побарало посредување од Општина Аеродром за преместување на ученикот во друго училиште”, објасни Блажеска.

Таа истакна дека процедурите за преместување на ученик вклучуваат транспарентна соработка помеѓу училиштата, локалната самоуправа и Министерството за образование. Новото училиште мора да биде целосно информирано и подготвено да го прифати ученикот. „Поради правната неиздржаност на постапката, нашето училиште ја повлече согласноста”, додаде Блажеска.

Општина Центар повторно апелира до сите засегнати страни да преземат одговорност и да работат на наоѓање конструктивно и правно усогласено решение за овој случај.(Б.Б.)