Проблем на Бугарија не е дали ќе ги нарекуваме фашисти, туку дали ќе ги нарекуваме окупатори


По повод изјавата на премиерот Зоран Заев околу потребата да се редефинира  третманот на учеството на Бугарија во Втора светска војна, историчарот Петар Тодоров за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ оцени дека главен проблем на Бугарија не е дали ќе ги нарекуваме фашисти, туку дали ќе ги нарекуваме окупатори.

Сепак, Тодоров вели дека ние во нашата држава многу лесно се расфрламе со терминот фашизам, дека многу лесно го употребуваме многу пати и каде што не му е местото. Тодоров вели дека во науката постојат сериозни дебати, кои не се политикантски, за тоа дали Бугарија може да се смета за фашистичка држава или не.

„Во тоа време има десетици формации во Бугарија кои се профашистички. Имало и партизански, но неспоредливо со претходните. Во Бугарија во периодот 1934-44 година всушност има беспартиски режим, нема парламент, царот владее со неговите луѓе, некои од фашистичките организации се дел од власта, а и некои политики на бугарската влада се фашистички. Таков пример е законот за заштита на нацијата кој е дискриминаторски кон Евреите, но таков имало и во Југославија во 1940 година. Некои авторитарни постапки на власта не се дел од фашизмот, како што е во Италија“, вели Тодоров.  

Тодоров за „Утрински брифинг“ потенцира дека, сепак, не може да игнорира оти Бугарија е дел од фашистичката коалиција.

„Проблем во односите со Македонија не е дали ќе ги нарекуваме фашисти, туку дали ќе ги нарекуваме окупатори. Таму се вели дека не биле окупатори, туку дека ја ослободиле Македонија, и тука е проблемот“, вели Тодоров. 

Тој смета дека ние не треба да градиме негативни односи во учебниците воопшто, не само за Бугарија. Тодоров потсетува на бугарските флоскули „еден народ две држави“ и „бугарски земји“ кои се користат за околчување, па потоа сѐ што е внатре се вели „ова е мое“ и оттука се градат политики кои Балканот виде дека се штетни, потсетува Тодоров.

Кога политичар коментира за историја оди на тенок мраз и обратно, коментира Тодоров.

„Пишување учебници е сложен процес, вклучува повеќе актери и фази и треба време. Може да вклучува политика, но експертите го даваат концептот. Но, мора да се земе предвид светската наука и она што подобро ја објаснува денешницата“, вели тој.

Историското образование треба да поттикнува критички став. Тодоров вели дека мултиперспективноста погрешно се разбира, тоа значи не е само да се дадат двете претстави туку да се објаснат тие перцепции.

„Така ќе се одземе историјата како алатка за радикализација. Такво е современото разбирање на историјата. Сѐ друго води кон граѓани кои може лесно да бидат манипулирани од политичките елити“, нагласува Тодоров за „Утрински брифинг“.