Јанкулоска, Протуѓер, Јанакиески… признаа дека вршеле изборни злоупотреби

Тие тројца и уште петмина други признаа вина во случајот „Титаник“ за изборни злоупотреби. Илија Димовски, Никола Груевски, Кирил Божиновски... не признаваат вина


Илустрација

 

Судењето во случајот „Титаник“ денеска доби неочекуван пресврт откако осуммина од обвиниетите признаа вина за делото за кое се товарат – злосторничко здружување и неколку кривични дела поврзани со изборни злоупотреби. Меѓу оние што признаа вина се Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Миле Јанакиески и Мунир Пепиќ

На денешното рочиште за случајот кој го отвори поранешното СЈО, прв вина призна Мартин Протуѓер. „Би сакал да изјавам дека по однос на дел од обвинението преземам одговорност од морален аспект како морален чин и доблест и од тој аспект ја прифаќам вината. По однос на другото, не се чуствувам виновен“, рече Протуѓер.

И Миле Јанакиески призна вина за дел од кривичните дела за кои е обвинет. „Признавам вина за дел од кривичните дела кои ми се ставаат на товар. Во однос на делата чувствувам морална вина и затоа се произнесов за виновен. Тоа е мое лично чувство и се однесува на мене и моите позиции. Чувствувам потреба да преземам одговорност и да демонстрирам морален чин. Ја користам приликата да упатам извинување до сите оние кои на било кој начин биле навредени и повредени слушајќи ги т.н бомби. Се надевам дека ова ќе биде поттик во иднина кој би предизвикал промени. За останатиот дел од обвинението, не се чувствувам виновен“, нагласи Јанакиески.

Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатреши работи, која издржува затворска казна за набавка на луксусниот „мерцедес“, со слични зборови ја призна вината:

„По однос на обвинението кое е во правна сила повеќе од четири години, сметам и сметав дека постапкава не треба да се води, поради фактот што тогашниот претседател Ѓорге Иванов  донесе одлуки за помилување и ослободување од кривично гонење. Тоа се серија одлуки објавени во „Службен весник“. Сепак, по однос на наводите на обвинението имајќи во предвид дека оваа постапка сепак се води сакам да наведам дека лично сметам дека одговорноста треба да се преземе и во таа смисла, по однос на наводите во ова обвинение се изјаснувам како виновна“, рече таа. 

Но други обвинети од тогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, рекоа дека не се виновни. Меѓу нив беше и Илија Димовски. „Со оглед на фактот дека никогаш не сум извршувал функција претседател, генерален секретар, шеф на изборен штаб, а со оглед дека сум бил хиерархиски подреден или еднаков со други педесет лица, со оглед на фактот дела под полна морална одговорност не сум собирал финансиски средства, а сум обвинет за такво дело – се чувствувам невин“, рече Димовски.

Кирил Божиновски, кој беше генерален секретар на партијата, исто рече дека не се чувствува виновен: „Ќе докажам дека не сум виновен во постапката“.

Меѓу осумтемина што признаа вина е и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковска, како и Катерина Велковска.

Јанакиески и Протоѓер не признаа вина само за злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања, едно од кривичните дела за кои се обвинети од обвинителката Лиле Стефанова.

Судењето за „Титаник“ почнува одново по третпат поради смена на поротник и овие осуммина обвинети ја искористија шансата да се изјаснат како виновни и да им се извинат на сите што се почувствувале навредени во бомбите. Јанкулоска, Јанакиески и Протоѓер беа меѓу најзастапените во прислушуваните разговори кои ги објавуваше поранешниот премиер Зоран Заев, како лидер на опозицијата пред шест години. Вина призна и Кире Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Јанкулоска, а потоа вработен во Агенција за разузнавање.

Првообвинет во оваа група од 20 лица е избеганиот Никола Груевски, обвинет за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Адвокатите поднесоа до судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев докази за здравствената состојба на обвинетите, некои поднесоа медицинска документација, потоа докази за семејниот статус… во насока на добивање поповолни казни.

Во Кривичниот суд се очекува да почне посебно судско рочиште за тие што признаа вина, додека за преостанатите обвинети што не признаа вина судењето ќе продолжи во посебна постапка на судењето чие продолжение е закажано за 9 март.