Признание за академик Ташковски- четири слики од циклусот Зодијак во „Астрологија“ во издание на Ташен


Фото: Д. Митрески

 

Од печат излезе книгата „Астрологија“ од познатата издавачка куќа Ташен (Taschen) од Швајцарија, во која се застапени четири слики од циклусот Зодијак на академик Васко Ташковски, еден од најдобрите и најоригинални македонски сликари.

Ова е големо признание за уметникот, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, според Националната галерија, која лани му организираше ретроспективна изложба во Скопје. 

Васко Ташковски во изминатите шест децении творечка дејност одбележа значајна етапа во современите текови на македонското сликарство. Според богатството на темите, неговите слики обликуваат посебен уметнички универзум, не само во бујните текови на модерната македонска уметност, туку и пошироко, во интернационални рамки.

 

Лани, во издание на МАНУ и Матица македонска , излезе од печат монографското дело со 980 маслени слики од Ташковски,

Писателот Раде Силјан во предговорот насловен „Фантастичната приказна на Васко Ташковски“ констатира дека сликарскиот свет на Васко Ташковски е препознатлив, по многу свои елементи чудесно раскошен.

-Неговата уметност комуницира на општи и универзални релации, својствена за автор со автономен свет, вешто обликуван во дела со антологиска вредност. Тоа е свет приемчив, по многу свои карактеристики раскошен, свет на тајни и митски предели, суптилно обликуван, констатира писателот Силјан.

Васко Ташковски  ( роден во 1937 година во Нижополе, Битола) дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Од 1966 до 1991 година работел како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника, работел и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија.