Признание „Блаже Конески“ на МАНУ за јапонскиот славист Мотоки Номачи
Меѓународно признание „Блаже Конески” на Македонската академија на науките и уметностите денеска му беше доделено на јапонскиот славист и македонист Мотоки Номачи, во рамки на одбележувањето на Денот на МАНУ.
Во отсуство на лауреатот, високото признание со медал го прими претставник на Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија, а за придонесот на Номачи во афирмирањето на славистиката во светот говореше академик Марјан Марковиќ.
Мотоки Номачи е од Токио каде што ги стекнал сите степени на образование. Фокусот на неговиот интерес е граматичката структура на словенските јазици од аспект на јазичните контакти и историската лингвистика. Во неколку наврати бил на истражувачки престој, пред се на Универзитетот во Белград, а потоа и на Универзитетот во Варшава каде што, меѓу другото, предавал јапонски јазик и култура и таму посетувал предавања за македонскиот јазик. Од почетокот на 2000-тите години Номачи е член и долгогодишен директор на Словенско-евроазискиот истражувачки центар при Универзитетот во Хокаидо.
-Со нашиот Истражувачки центар за ареална лингвистика поинтензивна соработка започнува во 2014 година, кога на негова покана јас таа година имав две предавања на универзитетите во Токио и Хокаидо. Од таа иницијатива, во 2017 година, Словенско-евроазискиот истражувачки центар при Универзитетот во Хокаидо и нашиот Истражувачки центар за ареална лингвистика потпишуваат договор за соработка којшто трае до ден-денес и верувам дека и овој медал е плод на таа соработка, рече меѓу другото Марковиќ.
По повод Денот на МАНУ, со што беа одбележани 57 години од основањето на Академијата, денеска се обрати претседателот на МАНУ, академик Живко Попов. Во рамки на настанот беше положено цвеќе на споменикот на Блаже Конески пред МАНУ, и беше промовирано изданието „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902-1917″.