Привршува изградбата на паркот „Бојмија“ во Општина Аеродром
Привршува изградбата на прекрасниот парк „Бојмија“ лоциран во населбата Острово, во непосредна близина на училиштето „Браќа Миладиновци“. По повеќе од 30 години, аеродромци ќе уживаат во новиот современ урбан парк, кој се протега на површина од 5.500 метри квадратни, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, кој денеска изврши увид во градежните работи.
Во паркот се поставени нови патеки поплочени со павер-елементи со дебелина од пет сантиметри и изработени според сите светски стандарди, кои се приспособени и за лицата со посебни потреби.
Како што информираат од Општина Аеродром, во рамките на паркот се градат детско игралиште со современи реквизити, фитнес-зона со справи за вежбање, како и ново професионално фудбалско игралиште со нова тревна подлога и модерен дренажен и автоматски систем за наводнување според сите светски стандарди.
-Новата урбана опрема, клупите, кантите за отпадоци, чешмата за пиење вода и фонтаната го збогатуваат изгледот на паркот. Паралелно, паркот се збогатува и хортикултурно се уредува со висока и ниска вегетација, со различни видови дрвја погодни за нашето поднебје, со што се зголемува квалитетот на живеење на жителите од сите граѓани, велат од општината.