(ВИДЕО) Приведено лице за искршените автомобили во „Буњаковец“


По немилиот настан кој утринава се случи во монтажната катна гаража зад ТЦ „Буњаковец“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, разговараше со Игор Стаменковски, командир на ПСОН Центар.

„Сликите од утринава со искршени прозорци и шофершајбни во катната гаража кај трговскиот центар ‘Буњаковец’ навистина ги вознемири центарци. Разговарав и со командирот на ПСОН Центар, кој ме информираше дека оштетени се вкупно 18 возила и веќе има приведено едно лице, кое во моментов се наоѓа во полициска станица“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Изминатиот период, Герасимовски заедно со општинските служби и припадници на Министерството за внатрешни работи оствари неколку средби со граѓани во повеќе центарски населби, на кои се разговараше и за воведување на т.н. маалски позорникари, со цел зачувување на мирот и зголемување на степенот на безбедност во сите маала.

Градоначалникот Герасимовски и Општина Центар апелираат до граѓаните, доколку забележат сомнителни дејства во околината на нивните домови и живеалишта, истите да ги пријават до МВР со повик на бројот 192.

По изјавата на Герасимовски од МВР потврдија за приведувањето на лицетот. Во соопштението на МВР стои:

Денеска ) полициски службеници од Полициска станица Центар  го привеле С.А.(48) од Скопје, постапувајќи по пријави од граѓани  според кои во катна гаража во близина на трговски центар на подрачјето на Центар било извршено оштетување на нивните патнички возила. Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на местото на настанот и по преземени мерки било констатирано дека станува збор за оштетување на 18 патнички возила што биле паркирани во катната гаража. Извршен бил увид од страна на увидна екипа, а по дополнителни мерки утврден е сторителот кој ги извршил оштетувањата, кој бил приведен во полициска станица и со него бил извршен службен разговор.За случајот е известен јавен обвинител по чии насоки делото е класифицирано по чл.243 од Кривичниот законик и се гони по приватна тужба, а од страна на МВР ќе се преземат сите неопходни активности за документирање на делото.