Приведена воспитувачка од Домот за доенчиња во Битола – покажала негрижа кон дете со посебни потреби


Домот за доенчиња во Битола

 

БИТОЛА – Скандал го тресе Домот за доенчиња и мали деца во Битола откако полицијата објави дека е приведена вработена која ги запуштила малолетниците згрижени во мал групен дом. Станува збор за седумгодишно дете со пречки со развој,  кое било затекнато во кревет, без да има можност да ја напушта постелата, а пак воспитувачката, неофицијално при проверката со алко-тест имала присуство на алкохол во крвта, дознаваме од истрагата.

Од полицијата во Битола известија дека во саботата, „полициски службеници од полициската станица Битола ја лишиле од слобода Х.В.К. (37) од Битола, вработена во јавна установа за згрижување на деца во Битола, бидејќи истата со запоставување на својата должност, ги запуштила малолетниците згрижени во мал групен дом. По документирање на случајот против неа ќе следува кривична пријава“, соопшти Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Пријавата стасала во полиција пред полноќ, а вработената од страна на раководството била затекната во околу 20 часот во недолична ситуација.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека „против вработената ќе биде покрената дисциплинска мерка, детето е однесено на лекар и констатирана е добра психо-физичка состојба“.

Приказната за тоа што, всушност, се случувало во Домот за доенчиња во Битола и по чија пријава интервенирала полицијата засега не се открива во целост, но се шпекулира дека вработената била затекната под дејство на алкохол, а детето било во состојба да не може да стане од креветот и да се движи. Директорката на Домот, Елена Наумовска, денеска не беше достапна на телефон. (А.Б.)