Приведена е претседателката на Антикорупциска комисија, Татјана Димитровска

Татјана Димитровска е осомничена дека била дел од злосторничката група во случајот со набавките на адитиви за РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“


Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, е спроведена во Основниот кривичен суд во Скопје, заедно со уште две лица и треба да биде изведена пред судија на претходна постапка. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) бара мерки за претпазливост.

Одземен пасошот на актуелната претседателка на ДКСК за предметот “Адитив“

Триесет и еден обвинет и пет фирми се вклучени во обвинението кое претходно го поднесе ОЈОГОКК до Основниот кривичен суд – Скопје за предметот познат како „Адитив“. Предметот  се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.

Според обвинителството, во период од април 2023 до  август минатата година, дел од обвинетите во својство на службени лица создале група чија цел била вршење на кривични дела „Злоупотреба на постапката за јавен повик“, доделување на договор за јавна набавка или јавно–приватно партнерство, „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари“ и други казниви дела. Во меѓувреме со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, дел од останатите обвинети станале припадници на оваа група. Тие договарајќи се со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство.

„Обвинетите управители и сопственици на правни лица откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, како економски оператори – учесници во постапки, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК ‘Битола’ и подружница РЕК ‘Осломеј’. На начин опишан во диспозитивот на обвинителниот акт, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, за потребите на РЕК ‘Битола’ и на РЕК ‘Осломеј’ и притоа да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397,6 милиони денари“, пишува во соопштението од обвинителството.

Понатаму, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно–приватно, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414,77 милиони денари.

Првообвинетиот сторил кривично дело несовесно работење во службата, додека шестмина се обвинети за сторени кривични дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, на четворица од нив на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

На четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела – злосторничко здружување иперење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

На кривично одговорните правни лица им се става на товар дека сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно–приватно партнерство.

Засега е познато дека ќе се бараат мерки за обезбедување на присуство, а Димитровска ќе биде изведена пред судија на претходна постапка. Извесно е само дека не се бара најстрогата мерка, а тоа е ефективен притвор.

Пред да стане член на Антикорупциска, Димитровска беше на раководна функција во Државната ревизија.