Приведен вработен од ЈСП кој ја пратил заканата за поставување бомба

Денеска од полициски службеници е приведен Ј.И., вработен во ЈСП, по претходна пријава околу 5 часот од ова претпријатие дека од неговиот меил на службениот меил на ЈСП и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП била испратена закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус. Бомбата, според мејлот, би експлодирала денес за време на протестите.
Се вршат антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, откриваат од МВР.
Со соопштение за состојбата се јавија и од ЈСП. Во него стои:
„Ве информираме дека од утринава, по налог на МВР, сите возила на ЈСП Скопје се повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од возилата. Екипите за антитероризам се на терен и постепено возилата се вклучуваат на линија по претходна соодветна безбедносна проверка.
Лицето, вработено во ЈСП, а кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР. ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во на интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието“.