Приведен сопственик на угостителски објект во Тетовско, работел по дозволеното време

Полициски службеници од СВР Tетово  вчера околу 19 часот и 15 минути го лишиле од слобода 43-годишниот Ј.Ф. од тетовско Желино, чиј угостителски објект во ова село работел по дозволеното време и во него имало гости, меѓу кои и косовската државјанка В.Г.(35), соопштија од МВР. Воедно, од таму додават дека таа била лишена од слобода поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта.

– Ј.Ф. е задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен поднесок по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Објектот е времено затворен од Државниот пазарен инспекторат. Косовската државјанка, пак, предадена е за натамошна постапка во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, информираат од МВР.