„Приватност во јавност“ – изложба со дела од македонски и српски уметници
Во рамки на проектот „Приватност во јавност“ вечерва во „Мала станица“ ќе бидат претставени делата на седум уметници од Србија и осум од земјава. Изложбата опфаќа различни медиуми: фотографија, видео, дигитална анимација, инсталација. Куратор на проектот е Светлана Младенов од „Визарт“ од Нови Сад.
Преку проектот „Приватност во јавност“, седум уметници од Србија: Силард Антал, DISTRUCTURE, Стеван Којиќ, Весна Перуновиќ, Милета Поштиќ, Наташа Теофиловиќ и Драган Војводиќ, ќе ги претстават своите интимни стратегии и микронаративи, потпирајќи се на односот интимно-јавно, делувајќи во контекст на непосредната реалност каде индивидуалните приказни создаваат нови односи преку толеранција, емпатија и разбирање.
– Уметниците ставаат детали од интимниот живот и субјективните искуства во центарот на нивното истражување и на тој начин придонесуваат за уште посилна емоционална врска со другите. Семејство, дом, непосредна околина, поглед низ прозорец или од тераса, пријатели, дејствија од секојдневниот живот преведени преку уметнички дискурс зборуваат за еколошки, геополитички, социолошки и антрополошки проблеми, проблеми на засолниште, осаменост, номадизам, нестабилна социјална меморија, авто – меморија…, информираат од Националната галерија на Република Северна Македонија.
На српските уметници ќе им се придружат и осум уметници од Северна Македонија: Атанас Ботев, Искра Димитрова, Роберт Јанкулоски, Верица Ковачевска, Моника Мотеска, Кристина Пулејкова, Дијана Томиќ, Вана Урошевиќ со кратки видеа под заеднички наслов „Уметнички дневници во изолација“ снимени на покана на Националната галерија и кураторот Ана Франговска во 2020 година.