Приватно здравствено осигурување само со државно
Голем дел од хонорарците во земјата немаат здравствено осигурување бидејќи работодавачите, согласно Законот за работни односи, немаат обврска да им го плаќаат. За да имаат, треба да се пријават во ФЗОМ и во Агенцијата за вработување, меѓутоа, ретко кој од нив има статус на осигурено лице во Фондот за здравствено осигурување, така што тие што имаат поголеми приходи најчесто се лекуваат во приватните здравствени установи. Осигурителните компании што ги контактираше „Независен весник“ велат дека секој што сака да е приватно здравствено осигуран треба да има статус на осигурено лице и во Фондот за здравствено осигурување, согласно законската регулатива, т.е. Законот за доброволно здравствено осигурување.
Поради ова, главната борба е да има што е можно повеќе договори на определено или неопределено работно време, односно работникот да има формален договор за вработување. Во моментов повеќе осигурителни компании нудат пакети за здравствено осигурување, вклучувајќи мрежа од приватни болници, клиники и лаборатории. Компанијата „Триглав осигурување“, на пример, преку приватното доброволно здравствено осигурување нуди здравствени услуги во приватните здравствени установи со кои имаат склучено договори за соработка, како „Аџибадем Систина“, „Ре-медика“, „Неуромедика“, „Санте плус“, „Авицена лабораторија“, „Дијагностика Фармахем“, „Плодност“-Битола, „Систина офталмологија“ и Клиника „Жан Митрев“. Во рамките на пакетот за здравствена заштита се нуди осигурување за специјалистичко, вонболничко и болничко лекување и осигурување на операции, како и дополнителното покритие за ризикот од малигни заболувања. Осигурувањето може да се склучи во индивидуална форма, како семеен пакет во резидентниот сегмент или, пак, како колективно осигурување во рамките на корпоративниот сегмент, а цените најмногу зависат од возраста. Осигурената сума кај специјалистичко вонболничко и болничко лекување изнесува до 10.000 евра, а ист износ на покритие, до 10.000 евра, важи и за осигурување на операции. Во специјалистичко вонболничко и болничко лекување се опфатени специјалистички преглед, трошоци за домашна посета во итни медицински случаи, дијагностички методи, лабораториски испитувања, тестови и анализи, трошоци за дневна болница, едноставни амбулантни зафати, како и психијатриски услуги и дијагностицирање и лекување на малигно заболување. Осигурување на операции клиентите можат да обезбедат како дополнување на осигурувањето на специјалистичко, вонболничко и болничко лекување и тоа обезбедува покритие за хируршки зафати во специјалистички области.
Од „СН осигурителен брокер“ АД Битола, велат дека со најновиот пакет што го имаат за приватно здравствено осигурување на граѓаните им се нуди покритие на трошоците за лекување во сите приватни здравствени установи на територија на цела држава, се покриваат трошоци за лекување за грип, настинки, операции, стоматолошки и офталмолошки услуги, трошоци за лекови на розов рецепт, специјалистички и дијагностички постапки, гинеколошки прегледи и породување., За да го користи овој пакет, осигуреникот треба да издвои 515 денари месечно.
Во „Еуролинк осигурување“ се нуди и пакет за семејно здравствено осигурување, со можност за лекување и во странство со трошоци до 20.000 евра, а со месечна премија за сите членови на семејството од 2.000 денари (3.350 денари за лекување во странство).
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски, вели дека во изминатите три години не добиле поплака од страна на осигурениците. Бројот на осигуреници во друштва за осигурување на живот бележи раст, во 2016 година биле 6.229, во 2017 година 6.691, а во 2018 година 6.908 осигуреници.
Вероника Мароска-Леова
Борис Грданоски-фоторепортер